Вербален деликт

Мојата генерација порасна без некои поистакнати примери на дисидентство. Еден од ретките примери беше мојот професор Ѓорѓи Марјановиќ. Покрај тоа што беше еден од малкумината професори познати надвор од границите на социјалистичка Македонија (и СФРЈ), тој беше симбол на професор со интегритет и на непокор кон власта. Меѓу другото, остана запомнет и по тоа што беше првиот кој имаше храброст да повика на декриминализација на вербалниот деликт во 1983 година. (Подоцна, тој поднесе кривична пријава против моќниот (и опасен) Слободан Милошевиќ.) Вербалниот деликт е одлика на автократски режими, каде дури и мислата се смета за опасна за поредокот. Неговото укинување не само што требаше да значи гаранција за слободата на мислата и говорот, особено од кривичен прогон на државата, туку беше и sine qua non за воведување на демократскиот пореок. Во изминатите 26 години, таа слобода процвета до степен кој се граничи, па и ја преминува црвената линија на говор на омраза. Попусто повици да се санкционира говорот кој значи поттикнување национална, етничка или верска нетрпеливост, насилство кон маргинализираните групи, или претставува повик на линч кон неистомислениците. Среде таква клоака во која се претворило јавното мислење, која стана уште понеподнослива во изминатите 2-3 години, кога политичкиот говор стана синоним за говор на омраза кон „другите“, доаѓа вест која треба да го запрепасти секој поранешен студент на „нашиот Хавел“. Имено, по пријава на турската амбасада во Македонија, наш граѓанин е осуден на парична казна (или затвор) поради навреди на турскиот претседател Ердоган! Во одлуката се наведува дека обвинетиот во ноември 2016 година, преку својот Фејсбук профил „објавил иронични изјави и упатил навреди кон лидерот на една странска земја“. Оние кои упорно мижат или носат розови очила, како „олеснителна“ околност наведуваат дека пресудата (сѐ уште) не е правосилна, односно дека граѓанинот има право на жалба. Втората „мудрост“ е дека: во секоја судска одлука имало елементи на генерална превенција! Не треба да си правник за да знаеш што е генерална превенција: во случајов, тоа е пример за другите, закана за секој иден обид за критика на некој диктаторски режим! Дека ова не е исклучок покажува и една помалку заборавена вест од февруари, според која еден скопјанец „од својот ФБ профил во повеќе наврати на официјалната страна на ФБ профилот на Амбасадата на САД објавил коментари со недолична содржина на сметка на дипломатскиот претставник на САД и неговото семејство, со што јавно го изложил на подбив. Поднесена му е кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „повреда на угледот на странска држава“. Исходот на оваа постапка не ми е познат, но лесно може да се претпостави што ќе се случи на некој кој се задевал со Империјата.

Така, неколку децении по битката на проф. Марјановиќ против вербалниот деликт во СФРЈ, ние го враќаме на голема врата, и тоа по барање на држава позната по масовно кршење на човекови права на свои граѓани. Пардон, и држави кои кршат човекови права и на свои и на туѓи државјани! Во нашава разулавена демократија (засега) можете да се заканувате, плукате, клеветите, линчувате секого, вклучително и највисоките претставници на власта – како што тоа го прават секојдневно и корисници на социјални мрежи, но и државни функционери (повторно на социјалните мрежи), па и новинари и „новинари“ од разни партали – а да не одговарате. Напротив, некои од тие кои беа најагилни во оваа „дисциплина“,во минатото, а и денес редовно добиваа(т) награди и се третирани како (прво)борци за демократија. Но, Едроган или Бејли не смеат да се чепкаат, дури и кога отворено се мешаат во внатрешните работи и во сферата на човековите слободи и права на туѓи граѓани. Правната основа е во член 181 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна за оној кој „со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник на странска држава во Република Македонија“. Но, внимавајте, слични одредби постојат и за подбив на нашата држава, знаме, грб или химна! Нешто слично деновиве се случи во БиХ. Американска граѓанка од возило, среде Сараево, му го покажала средниот прст на членот на претседателството на БиХ, Изетбеговиќ (кој бил во соседното возило), по што од него била пријавена на полицијата и ѝ била изречена мандатна парична казна за нарушување на јавниот ред и мир, т.е. за дрско однесување. Изетбеговиќ ја манифестирал својата моќ на територијата на својата држава, но султан Ердоган има подолга рака, па манифестира моќ и врз туѓи граѓани во туѓи држави. Една од најпознатите тужби беше онаа против германскиот сатиричар Бемерман, кој во ТВ шоу рецитирал „навредлива“ песна (за состојбата на масовно кршење на човековите права во Турција – состојба која станува уште поалармантна, особено во поглед на слободата на изразувањето и критиката на интелектуалната јавност). Во меѓувреме, Германија го укина параграфот од Кривичниот закон со образложение дека „идејата дека претставниците на странски држави имаат потреба од заштита од навреди не е во согласност со времето“.

Имајќи го во вид нивото на демократска култура, но и поданичкиот однос на банана-републиката кон странските претставници, ова треба да биде црвен аларм. Веќе замислувам како ми се заканува кривична пријава за јавна критика на глупоста и недоветноста на Трамп, лицемерието на Обама, милитантноста на Хилари. А само еден чекор го дели кривичниот прогон за навреда на „угледот на странска држава“ до навреда на македонската држава! Се чини, веќе заборавивме колку луѓе, меѓу кои и актери, уметници и поети завршуваа во затвор или на еден „романтичен остров“ на Јадранот, само поради шега, пцост или напишан збор против власта!? Се разбира, тоа е во времето кога не постоеле социјални мрежи, па луѓето зборувале главно во приватни кругови и кафеани (каде некои вредни ги бележел нивните искази и ги цинкареле кај властите). Во основата на ова казнено дело, всушност, лежи монархистичкиот принцип lèse-majesté, според кој суверенот е синоним за државата, па по аналогија навредата на шефот на државата/владата/владејачката партија се смета за навреда на државата, по принцип на персонализација на лидерот со народот и државата! За проблемот да биде уште поголем, во нашава „демократска средина“ ниту има сензибилизирана и критичка јавност која би предупредила на оваа опасност, ниту пак меѓу правниците може да се насети нов Марјановиќ кој ќе се бори против враќањето на вербалниот деликт. Молчат затоа што сакаат да бидат видени како кооперативни кон „нашите сојузници“ и „земјите со кои имаме значајни дипломатски односи“, ниту пак сакаат да се лишат од можноста да ги омаловажуваат своите политички противници со користење на говор на омраза. Позната е една изјава на диктаторот Иди Амин, според кој во Уганда постои слобода на говор, но слободата после говорот никој не може да ви ја загарантира.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Associated Press