26 години однесени со виорот

Денес е работен ден, враќање во нормала по продолжениот викенд и празнувањето на уште еден 8 Септември. Мина уште една годишнина од прогласувањето на независноста, контроверзно како што беше и она референдумско прашање „округло, па на ќоше“. Мина и брзо ќе се заборави, па пред да се случи тоа, еве кусо резиме. И 26 години подоцна, Македонија останува симбол на преживување: од времето кога никој од надвор не очекуваше дека малата држава ќе опстане и неколку месеци, па до последниве години кога црните прогнози се нижат една по друга. Македонија, можеби и не е држава, туку управувана/менаџирана територија, без политички/општествен договор и без владеење на правото, без внатрешна кохезија и компас за меѓународните односи, но најважно од сѐ – таа преживува и наспроти своите граѓани, било да се во прашање елитите или рајата. Се разбира, на среден и подолг рок, ова е неодржлива ситуација. Опстанокот е не поради внатрешните капацитети или надворешната интервенција, туку наспроти нив. И затоа прашање на време е кога ќе треба да се мине Рубиконот, да се фрли коцката или пресече Гордиевиот јазол. И ќе има ли кој да го стори тоа?

„Логиката“ на централната прослава беше бизарна, но со силна симболика. Во најмала рака, необична беше одлуката таа да се одржи токму пред зградата на Владата! Всушност, таа се одржа внатре, во дворот, симболички опколена со онаа висока ограда од ковано железо. Според амбиентот и малубројноста на публиката, тоа повеќе наликуваше на приватна забава отколку на народна веселба. Сосема соодветно за новото сфаќање на културата, кое става акцент на „рокерите“ и елитизмот, наспроти досегашниот „народњачки“, фолклорен и популистички перформанс типичен за ВМРО-ДПМНЕ. Вториве навистина можат да се фалат со масовноста која ја обезбедувале во изминатите 11 години (главно поради внатрепартиската дисциплина и борговска организираност за вакви важни ритуали кои требаше да го покажат/поткренат патриотизмот). Сегашните манифестираат лажен триумфализам, настојувајќи да ја ревидираат недамнешната политичка историја, која покажа дека тие се уште не се способни да обезбедат изборна победа, дури и минимална. Она што е најважно, не е што велат партиите, туку што вели граѓанството, а тоа ниту тогаш, ниту сега, никогаш не се палело на (нивните) народни веселби – од проста причина, што обичниот човек едвај и да има(л) за што да се радува или гордее. Дури и побогатиот и средниот слој е индиферентен и доволно обезбеден за да може да слави на туристичките локалитети. Сега, откако патриотизмот е или озлогласен или контролиран од политичките и надворешните центри на моќ, се поставува прашањето: чуму воопшто наместени народни веселби?

Уникатниот начин на одбележување на годишнината од независноста заслужува осврт, само затоа што беше најавуван како настан на „слободна Македонија, слободна живее“ (т.е. со стих од химната, која е пак предмет на оспорување токму од коалиционите партнери). Така, сликата која се испрати беше забава (на моменти, под секое ниво, со песнички за папучари и мажишта и сладуњави љубовни ноти) во прегратките на (сега, саканата) влада. Новата власт (првенствено СДСМ), всушност, триумфираше со партиска забава (на која не присуствуваа дури ни нивните симпатизери). Ланскиот „Камп на слободата“ (упс, пак слободата се спомнува!) „освои“ нов простор, се територијализираше, навлегувајќи на тогаш забранетата територија, чувана од (истата!) полиција. И затоа, уште еднаш бевме сведоци на партиска забава, на која имаше ист број присутни колку што имаше луѓе кои навистина кампуваа во шаторите (кои главно остануваа празни, како декор на битката за слобода). Владата, како институција или како зграда, не симболизира ништо поврзано со 8 Септември. Тогашниот референдум го распиша Собранието, а прославата по објавувањето на резултатите беше одржана на централниот плоштад (спонтано, со видливо отсуство на некои политичари кои во наредниот период ќе одиграат клучни улоги). Граѓаните на Македонија не добија независност со декрет или по заслуга на некоја влада! Зградата во која некогаш беше сместен ЦК на СКМ, со или без новата барокна фасада, е симбол на неуспешната транзиција. Кореографијата и местото на свеченоста наликуваше на сѐ, освен граѓански собир кој би ги поврзал сите, макар и само на еден ден/празник. Затоа, видовме уште една бледа манифестација во практично урнисана држава и граѓани кои се клиентела на државната власт. А извршната власт, оличена во партиските елити, е токму еден од клучните виновници за страшната состојба во која се наоѓаме.

Ако треба да се направи куса алузија на изминатите 26 години, најдобро би послужила новелата на Фицџералд за „Чудниот случај на Бенџамин Батон“: колку повеќе години минуваат, наместо на зрее, македонската држава/државност станува уште понезрела и понејака. Како тргнало со редефинирање на она малку консензус кој бил изграден, а со употреба на „морков и стап“, уцени, закани и насилништво, таа ќе исчезне/умре токму на изворот, каде ќе ја (само)поништи АСНОМ-ска Македонија. Институции можете да октроирате, устав да напишете и наметнете, елита да си одбрете по сопствен вкус (и особено слух), но политичка заедница и демос не се прават со спонзориран инженеринг: внатрешните делби, омразата и нетрпеливоста се главна одлика токму кај народот кој во 1944 година се изборил за правото на самоопределување. Реториката во медиумите и во она малку јавен простор (што не е доведен до стадиум на громогласна тишина) е воинствена и крвожедна. Независна не може да биде држава во која елитите се ајдучки банди кои ја черечат и евтино продаваат, како да е нивна приватна сопственост, а во која верските водачи се соучесници. Некои, свесни за пустошот, бараат или очајуваат што нема лидери, не гледајќи дека не е до лидерството, туку до општеството кое не се сака себе си и кое почива на внатрешен механизам за елиминација на сѐ што отстапува од просекот и моделот наметнат од политичките елити. Ако има вожд, народот слепо го следи, како во роман на Домановиќ. Ако случајно го нема на хоризонтот, подготвен е да верува и во златно теле. Ако случајно се најде некој да повика на обединување околу некои државни/национални вредности, веднаш се прокажува како носител на фашистички, ретроградни и некоспомолитски идеи. Агендата на омразата, за жал, ја наметнуваат и обликуваат медиумските и интелектуалните елити: новинари линчуваат професори за јавно искажан експертски став, им се придружуваат невладините активисти, сето тоа станува тема за леење отров со денови – сѐ со цел слободномислечките да се вразумат и никогаш повеќе да не го кажуваат очигледното и политички неподобното. И така, додека мршојадците се борат околу останките на нешто што можеше да биде држава, младите заминуваат. Оваа година, бројот на првачиња беше рекордно низок, па очекувајте до наредниот празник да слушнете за уште еден соборен рекорд. Бидејќи, тоа е единствениот рекорд кој можеме реално да го достигнеме…

Напишано за Нова Македонија
Фото: Влада на РМ виа Фејсбук