Капитал

Mакедонските политичари и влади (вклучувајќи ја и сегашнава, предводена од двајца од најбогатите луѓе во земјата) знаат многу за капиталот и како истиот се оплодува, во најбуквална смисла на зборот. Но, тие се само попатно тема на оваа колумна, која е посветена на 150-годишнината од објавувањето на првиот том на едно од највлијателните книги во историјата (веднаш до Светото писмо) – „Капиталот“ на Карл Маркс (14 септември, 1867). Додека светската академска, интелектуална и политичка јавност овој повод го користат за навраќање на делото, авторот и нивната релевантност за современоста, домашниот интерес се задржува најмногу на милозвучните апели на премиерот до инвеститорите: „Отворете го срцето и дајте малку повисоки плати на вработените“ (со акцент на она „малку“ – за да не се претргнат од милостина)! Нашиот премиер-капиталист не се однесува дури ни како социјал-утопист, а камо ли како социјал-демократ, кога сака да нѐ увери во вакви срцепарателни, а во суштина популистички апели. Особено ако се знае дека дури ни вработените во неговите фирми не го имаат почувствувано ниту неговото отворено срце, а богами ни синдикалните права). Уште понаивни се оние кои веруваат во вакви „економски мерки“ на владата. Вклучително и мерката според која ќе се доделува државна помош само за инвеститори кои се подготвени да го отворат срцето до околу 300 евра… Оние од екстензивните гранки (како текстилната индустрија) ќе си бидат слободни да ги експлоатираат работничките до смрт (буквално и преносно), додека владата ќе помага во организирање модни ревии. Оваа колумна е само повод за потсетување дека во време на турбо- или казино-капитализам, Македонија останува на периферијата, во (полу)колонијален статус на банана-република, со влади кои се однесуваат како макроа кои нудат евтина работна сила, па и државна помош за да привлечат некаква странска инвестиција. И тоа не зависи ниту од Курто, ниту од Мурто, бидејќи нештата се детерминирани на глобален план, а нашите политичари се само претприемачи кои се грижат за својот политички и бизнис опстанок на локално ниво. Во „Комунистичкиот манифест“ Маркс ја опиша и македонската влада: „Егзекутивата на модерната држава не е ништо друго, туку комитет за менаџирање со општите прашања за буржоазијата“.

Да се вратиме на Маркс, иако од неговото име кај нас сѐ уште се стресуваат од нелагодност и оние на десно и тие на лево. Оние, пак, кои сепак се повикуваат на него, неретко не го ни прочитале, или го разбираат и применуваат догматски, без критичка промисла за времето од пред 150 години во индустриска Англија. Иако Марксовата мисла е критикувана (не само заради нејзината политичка злоупотреба и идолатрија), сепак делови од анализата на капиталистичката економија останува валиден, особено на периферијата. Во врска со „отворените срца“, вредно е да се спомене Марксовата азбука според која работникот, кој е ослободен од стегите на феудализмот, на кој му е доделена формална политичка слобода, во капитализмот е принуден да го продава она што единствено го поседува: својата работна сила, и за возврат да добива плата за да преживее. Разликата помеѓу новосоздадената вредност која е резултат на неговиот труд и неговата плата ја претставува додадената вредност. Капиталистот се обидува платата да ја држи што е можно пониска за да ја максимизира додадената вредност, односно зголеми профитот. Таа незауздена експлоатација, детерминирана од „невидливата рака на пазарот“, според очекувањата на Маркс, во еден момент станува толку неиздржлива што работниците ќе немаат што да изгубат освен прангите и ќе дигнат револуција за да создадат ново општество засновано на принципот на солидарност и социјална правда. Маркс, кој бил всушност еден од најголемите поборници на глобализацијата (и интернационализмот), сепак, не можел да ја предвиди издржливоста и адаптибилноста на капитализмот (кој се движел од нацизам и фашизам, па сѐ до разни облици на држава на благосостојба и државна интервенција во спасување на банките и бизнисот). Не можел да го предвиди ниту технолошкиот развој, вклучително и појавата на „еднодимензионалниот човек“ (консумер), индустријата на слободно време (спорт, забава, реалити шоу, социјални мрежи, и сл.), кои ќе ја отапат острицата на општествените спротивности или ќе ја пренасочат од социјалните разлики кон разни идентитетски судири, но и милитаризам под параван на „ширење демократија“. Маркс останува болно актуелен и во 21 век, најмногу поради неправедната концентрација на богатството и моќта во раце на мала група (документирано на брилијантен начин од Пикети), и уште понеправедната дистрибуција, која создава социјални разлики не само во општествата, туку и помеѓу Центарот и Периферијата. Без оглед колку животните услови во кои денес битисуваат работниците (наемниците) се разликуваат од оние од пред 150 години, капиталот е сѐ уште воден од незапиливата глад за повеќе во раце на малкумина. Иако вредноста на Марксовото творештво е неспорна, според Пуховски, неговиот клучен неуспех лежи во фактот што тој е сѐ уште актуелен. И 150 години подоцна, човештвото ги нема надминато општествените околности кои го создадоа капитализмот. Она што е уште потрагично е што, колку поради умешноста на капитализмот да опстои завиткан во шарена обланда, толку поради погубното наследство на социјализмот, денес живееме како интелектуално и идеолошки кастрирани поединци/групи, без способност да замислат инакво општество од она кое се продава под слоганот „Нема друга алтернатива“ (освен капитализам, НАТО, ЕУ) – There Is No Alternative (TINA принципот на Тачер). Најголемиот успех на капитализмот е умешноста да го замагли системското насилство, а да се прикаже како универзална парадигма за слобода, правда, човекови права – ама под услов да се забрани преиспитување на системските основи. Моралната сила на Марксовата мисла, сакале ние да признаеме или не, ја надминува системската демистификација на капитализмот. Напротив, фокусот е на неможноста на капитализмот да генерира услови за процут на вистинската човечка природа и способности. Иако за неуките марксизмот се сведува на тезата за „секому според потребите“ (материјалните), Маркс не сметал дека човековата среќа извира во материјалната благосостојба, туку само дека нема среќа доколку не се задоволени базичните потреби. Злосторството на капитализмот денес е поголемо од она од пред 150 години, бидејќи тој денес опстојува и во суштина не се менува во ера на изобилство, создадено токму од луѓето на кои им се одрекува можноста да уживаат во резултатите на нивниот труд и вештини. Огромен дел од популацијата и натаму е преокупиран со базичните грижи за опстанокот или со измислени „потреби“, креирани токму од капиталот. Човекот се расчовечува, се отуѓува од својата природа и од другите луѓе, заборавајќи ги колективните потреби и креативноста заснована на несебичност. Оттука, „Капиталот“ претставува духовен капитал на човештвото, и особено „на секој што сака да научи нешто ново и да размислува со своја глава“ (како што запишал Маркс во предговорот).

Напишано за Нова Македонија
Фото: Карл Маркс (1818-1883), филозоф и германски политичар (Roger Viollet Collection/Getty Images)