Отворено писмо до јавноста

Колумнава се објавува под мое име, но должна сум да кажам дека изнесениот апел не е (само) мој. Одвај и да останаа печатени весници, па колумништвото станува раритет и привилегија. Јавна дебата нема, а медиумската слобода е сведена на минимум кога станува збор за слободно изразување на ставови кои се сметаат за политички некоректни и неопортуни. Оние кои ќе се осмелат да изразат став за законско решение кое не се совпаѓа со коалицискиот договор на власта, ризикуваат без никаква аргументација, а врз основа на ad hominem напади, да бидат стигматизирани како националисти, вазали и заштитници на криминалот на бившата влада. Обраќањата на социјалните медиуми се очајнички обид да се иницира јавен дискурс, кој повторно запаѓа во маѓепсан круг на неаргументирани и бесполезни препукувања. Во разговор, повеќе колеги, познавачи и интелектуалци (чии имиња немам простор да ги наведам) ме замолија да направам последен обид и да го упатам овој заеднички апел во врска со Законот за употреба на јазиците. Како што веќе укажавме, тој (ќе) се носи во скратена постапка, без каква било консултација или јавна дебата со стручната и пошироката јавност. Првата комисиска расправа е закажана за утре во рамките на Комисијата за европски прашања. Претседателот на Комисијата, Артан Груби, веќе испрати покана до мал број приматели на три јазика: македонски, албански и англиски. Заради контекстот треба да се каже и дека двојазичноста не само што е факт, туку се реализира без почитување на уставноста и законитоста, највисоките претставници на државната власт го користат албанскиот јазик како примарен, додека македонскиот превод е само помошно (микроскопско) средство за комуникација. Министерот за здравство јавно промовира табли на здравствените установи и патокази, прејудицирајќи решенија кои се содржани во предлогот на Законот, образложувајќи ја потребата со олеснување за 30 отсто пациенти кои доаѓале од Косово и Албанија, не забележувајќи ја катастрофалната состојба во здравството, и особено зголемената смртност кај новороденчиња и мали деца. Ова е нашето обраќање:

Прво, наспроти ветувањата дека новата власт ќе престане со примена на методологијата на владеење, која се засноваше на нетранспаретност, неиклузивност, отсуство на консултација со најрелевантните институции и познавачи на одделни прашања, се случува обратното. Не најдовте доблест ни храброст да одговорите на писмените реакции кои ви беа доставени по службен пат од почитувани лингвисти, ги отфрливте без размислување како непотребни и недостојни. Нѐ понижувате и сведувате на ниво на државни непријатели, не гледајќи во нас компетентни соговорници, па дури и поддржувачи на новите политики, оние што ги ветувавте во времето на протестите.

Второ, проблематиката на употребата на јазиците нема никаква допирна точка со интеграцијата во ЕУ, ниту со некакви стандарди кои би постоеле во Унијата. Такви нема, а секоја држава членка самостојно, во согласност со сопствените специфичности и потреби, го уредува прашањето на јазичната политика. Европското знаменце ставено на овој законски проект е само смоквин лист кој ја прикрива недемократска процедура и јакнењето на етнонационализмот, а не е промоција на европски вредности.

Трето, во консоцијациска демократија каква што е Македонија од 2001 година – дијалогот меѓу заедниците не може и не смее да се супституира со тајни внатрекоалициски договори и пазарења. Веќе бевме сведоци на такви погубни примери во минатото, а особено треба да потсетиме на начинот на кој беше донесен Законот за територијална организација во 2004 година, (и уште полошо преводот на овој закон на албански јазик) и автентичното толкување на Законот за амнестија, по што беа амнестирани и злосторства за кои амнестија не е можна ниту според меѓународното право. Јазичната политика и употребата на јазиците е премногу сензитивно прашање за да се „решава“ со наметнување озгора надолу, со декрет и без креирање на поволна општествена клима. Свесни сме дека брзината со која ќе се донесе законот е поради претстојните локални избори, на кои албанските партии што коалицираат во Владата, намерно добиваат резултат што ќе им го испорачаат на своите гласачи, иако тој нема никаква врска со локалната демократија и со квалитетот на животот во локалните заедници (каде што употребата на јазиците е одамна решено прашање). Наместо вакви избрзани „етнички победи“ на Македонија ѝ требаат елити кои први ќе покажат доблест и отвореност кон јазикот и културата на „другиот“. Во таа насока, со децении очекуваме политичари кои ќе бидат билингвални, ако веќе не се полиглоти. Нека почнат од себеси и со сопствениот пример нека поттикнуваат зближување на заедниците по секоја основа.

Четврто, запрепастени сме од громогласната тишина, индолентност или самоцензура на најрелевантните научни и стручни институции во Република Македонија, меѓу кои дури и (фантомскиот и јавно необјавен нов состав на) Советот за македонски јазик, како советодавно тело на Владата, а кои не најдоа за потребно да се изјаснат институционално, ниту пак самоиницијативно отворија простор за дебата. Во држава со најголем број правни факултети по глава на жител се применува тактиката на нојот на вака отворено кршење на Уставот. Уште полошо, постојат примери на запирање на секој обид за дебата од страна на новоименуваните политички кадровици. Апелот што го упатуваме е, можеби, бесмислен и бесполезен, ама нека послужи како сведоштво дека имало такви кои не молчеле, не биле застрашени и кои предупредувале дека решенијата ќе бидат не само тешко спроведливи, претерано скапи за имплементација и нерационални, туку и ќе внесат семе на уште поголем раздор меѓу македонската и албанската заедница.

Петто, со ваквиот закон не само што македонскиот јазик веќе не е официјален, и се сведува на еден од службените јазиците во државата, туку се врши отворена дискриминација на припадниците на другите јазични заедници.

Шесто, законот не решава прашања на линија на човекови права, во полза на припадниците на албанската заедница, туку цели кон редефинирање на државното уредување и вонуставно воведување јазична федерација, со решенија кои ги надминуваат не само оние од бившата СФР Југославија, туку дури и од Белгија. Наместо наметнат закон кој ќе предизвика контроверзност и немир, бараме државата итно да ја ратификува Европската повелба за заштита на регионалните и на малцинските јазици, чиј потписник е од 1996 година, што е, впрочем, и барање на ЕУ (чии членки не го сториле тоа, но тоа е друга тема). Бидете демократи и повлечете го законот, па да разговараме како што доликува на демократска политичка заедница.

Напишано за Нова Македонија