Паника во Пјонгјанг!

Денес почнува кампањата за локалните избори, нешто што има значење само за мал круг луѓе, за политичката секта која се однесува како да станува збор за партија шах, на која ги разместила своите (веќе избрани и именувани) пратеници, министри, советници – веројатно во недостаток на поширок круг кандидати од своите партии. Жени, кандидатки за градоначалнички, ни за лек, исто како и на централно ниво – и покрај тоа што Шарената револуција создаде меѓународен имиџ и праќаше пораки токму со фотографии на храбри и дрски девојки кои се спротивставуваа на кордоните полиција или ставаа кармин огледувајќи се на нивните штитови. Слоганите и (воинствените) бои не многу поразлични од оние за парламентарните избори, сосема адекватно на нивното сфаќање на локалните избори како обично продолжение (втора епизода) на меѓупартиската и интраетничката Војна на ѕвездите. И уште полошо, во изјава за медиумите премиерот прави елементарна грешка (за која моите студенти паѓаат на испит, ама на премиерот дури и не смеат да му забележат): локалните избори ги нарекува непосредна демократија! ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се „ребрендира“ со исти кадри (и најважно, со партиски лидер кој е одамна политички мртовец), исфрлајќи слоган за почеток на некаква „нова ера“, а никој жив не разбира во што е новото, и каква е таа ера која би траела само четири години, колку што е мандатот на локалните власти. Затоа, пак, СДСМ се држи цврсто, како слеп за стап, за слоганот од парламентарните избори „Живот за сите“, сакајќи да порача дека битката со архетипскиот непријател ќе биде завршена само кога ќе го сотре и на локално ниво. Тоа оди дотаму што сосема непромислено и во духот на црниот хумор се применува и во слоган кој е не само хумористичен, туку и политички самоубиствен: „Живот во Бутел, за сите!“ Со вакви политички елити, се чини единствената сигурна перспектива ни е Бутел (како генерички назив за местото на вечно почивалиште, без оглед како во стварноста се нарекуваат гробиштата во одделните населени места).

Неодамна премиерот Заев се згрози од условите кои владеат во затворите, па излезе со изјава дека се срами од тоа што е премиер на држава во која затворениците се сместени во такви нечовечни услови. (Притоа, се ракуваше и сликаше со убиецот на Мартин Нешковски!?) А беше избран не за да се срами, туку за да ги менува нештата од кои сите ние не само што се срамиме, туку и страдаме, на еден или друг начин. Интересно, лекот веднаш го најде во идеја за генерална амнестија на затворениците, и предлог законот е веќе во процедура. Ваквата милост на владетелот е помалку чудна кога се знае дека беше избран, меѓу другото, да ја прекине културата на неказнивост и непочитувањето на владеењето на правото. И така, додека од една страна, и домашната, ама и странската експертска јавност, се веќе нестрпливи да видат конкретни реформи во јакнењето на системот на спроведување на правото во поглед на оние кои се огрешиле пред законот, владата се подготвува да ги отвори ширум портите за осудените лица и тоа од (наводно) хуманитарни причини. Кога сме кај срамот од состојбите, се поставуваат неколку сериозни прашања: зарем Зоран Заев, како лидер на опозиција која тврдеше дека овде владее фашизам и масовно кршење на човековите права, не знаел кое дно го допре земјата? Што ли ќе направи ако ги посети локалните амбуланти, болниците (од јавниот сектор), училиштата, старечките домови? Ќе се засрами уште повеќе? Ќе ги пушти „на слобода“ учениците, пациентите, старците? Што ли ќе направи ако ги посети погоните на „странските инвестиции“ во текстилната индустрија?

Македонија сѐ повеќе наликува на депонија, во буквална и во преносна смисла. И тоа не е само системски проблем кој не го решија градоначалниците, кои Заев сега повторно ќе ги поддржи (како Теута Арифи во Тетово, кое граѓаните си го нарекуваат „шит-сити“ или Мерко во Струга). Тоа е масовен проблем на граѓанството кое повремено ќе протестира за загаденоста на воздухот и водата, ама на првото ќоше ќе го исфрли сметот во својот двор или улица, без око да му трепне. Тоа е така кога земјата не се чувствува како своја, кога јавното не се третира како блиско и важно за сопствениот живот, тоа е така кога луѓето изгубиле и елементарна култура на живеење.

Меѓутоа, како премиер фокусиран првенствено на шармирање на надворешната политика, Заев чини сѐ да барем наликува на фактор во глобалната политика (видела жабата…). Настрана што најбезобразно ја излажа нацијата дека остварил средба со Трамп (не е ни прв ни последен во оваа дисциплина), и дека наводно му дал поддршка за реформите на ООН (на човек кој не само што војува, туку и се закани со нова војна), туку со обраќањето од говорницата на Генералното собрание на ООН остро побара од Северна Кореја да ја запре нуклеарната програма (we demand!). Ова следуваше по она брутално и налудничаво обраќање на Трамп, со кое не само што ја исплука Повелбата (а никој не реагираше, освен амбасадорот на Северна Кореја), туку изврши и повреда на меѓународното право заканувајќи се со анихилација на 25 милиони луѓе, покрај оние во Иран и Венецуела. Во отсуство на лидерите на Русија, Кина и Германија, овој форум повеќе наликуваше на некакво реалити-шоу во кој лидерите кои начекаа „село без кучиња“ можеа да се обраќаат на домашната и на меѓународната јавност, која имаше нерви да ги слуша или зема сериозно. Обраќањето на Заев веројатно ќе предизвикаше паника во Пјонгјанг, доколку англискиот не му беше толку катастрофален што малкумина и разбраа што сакал да порача. Нам ни останува и уште еден срам, кој за волја на вистината се буди секогаш кога наш политички претставник треба да нѐ претстави во светот, без оглед дали се вика Груевски, Заев или Иванов. Гледајќи од светлата страна на нештата, Македонија дури не е ни единствена во ваквото поданичко и полтронско однесување кон еден манијакален лидер на Империјата: конкуренцијата беше голема, токму од балканските лидери, за кои ракувањето со човек кој е најголема опасност за светскиот мир предизвикува оргазмички реакции! Од друга страна, ефектите од ваквиот говор на Заев се еднакви со оние до кои би дошло ако наместо закана за Северна Кореја и посветеност кон контратероризмот прочиташе локален рецепт за правење македонски пинџур. Загрижениот ни лидер за нуклеарната апокалипса некако не успеал да види дека 50-тина држави потпишаа договор за целосна забрана на нуклеарното оружје, па Македонија не е меѓу потписничките. И како да биде кога е ова нејзина единствена историска шанса да искуси вистинска Студена војна (онаа СФРЈ ни тоа не ни го овозможи со нејзината неврзана политика!)? Заев не само што не знае англиски (а ни српски/хрватски), туку не знае каде минува бегалската рута, која е улогата на Израел, каде се Иран и Ирак, не разликува хоризонтално од вертикално, изуми мерка „терабајт-час“, но знае кого треба да слуша и кому му ја должи својата лидерска позиција. Пјонгјанг е можеби во паника, ама и нас постепено нѐ фаќа страв од тоа каков човек ја води државата. Локалните избори се најважната споредна работа, во сиот хаос.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Влада на РМ виа Facebook