Нечистиот хотел Македонија

Секаков стручен, аргументиран и рационален осврт кон локалните избори, во време на незавршен политички преврат со намера на паднатиот непријател да му се отсече главата додека е на коленици, е чисто губење време. Во нормални околности, дебатата би тргнала од елементарниот, но суштински уставно-правен факт дека локалната самоуправа е една од темелните вредности на уставниот поредок. Но, уставен поредок нема или стана толку растеглива категорија, што го доведе до непрепознавање. Зошто локалната самоуправа би уживала повисок респект кога сите останати вредности се сведени на гола фраза. Сѐ отишло по ѓаволите, и тоа од поодамна! Наместо општинската власт да воспостави баланс на моќта и да биде контратежа на централната, таа е сведена на нејзин приврзок и лост за спроведување на моќта на врхушките. Кандидатите за градоначалници не веруваат во бајките кои повремено – меѓу одбраната на Македонија и одбраната на животот (во НАТО и ЕУ) – им ги кажуваат на граѓаните; тие добро си ја знаат улогата кога свесно, по налог на партијата, се откажале од пратенички или министерски позиции за да трчаат по општинските сокаци. Добро знаат идните градоначалници (кои во сенка ги фрлија кандидатите за советници) дека битката е за ресурсите, за плен од кој во наредниот период ќе живее партијата и членството. Болната вистина е дека по две деценискиот грабеж и опустошување, ова повеќе наликува на битка околу мршата, околу она што останало да се (д)оглода до гола коска. Онака како што демократијата е одамна фрлена во буниште, таму заедно со неа, како слепо црево, се влечка и гние и локалната самоуправа. Стара практика е носители на централна власт да промовираат локални кандидати, но сега за првпат, и владејачките и опозициските партии одржаа централни митинзи токму пред Владата: не само да се знае кој е главен, туку и која е главната цел! Се довлечкаа со автобуси партиските членства (со задолжителните сендвичи, само овој пат подбивањето беше од оние кои до вчера беа предмет на подбивање). Си ги мереа, на ачик, среде Скопје – праќајќи порака и до сите делови на земјата дека центарот одлучува за нив, т.е. дека ќе ги добијат трошките од централната трпеза ако се послушни. Скопските булевари се престорија (одново) во паркиралишта за сѐ што има четири тркала и собира повеќе од десетмина; автобуските превозници повторно трлаа раце од богатата заработувачка, исто како и маркетинг фирмите. По обичај, службите на МВР ниту гледаа зло, ниту казнуваа за непрописно паркирање. Правната држава (ако воопшто и живна) беше суспендирана во име на револуционерната атмосфера, која трае и трае во вид на „народ на улици“. Нормализацијата е одложена на неодредено време. По 2001 година, а особено по 2004-та, локалната самоуправа доби изразита етничка димензија, пресекувајќи ја замислената папочна врвка со локалната демократија; следниот најавен потег е кантонизација. Затоа никој не слуша говор на омраза, па дури и лепи Села, лепо пали огнови, нарекувајќи ги Македонците канибали и варвари кои им ја одзеле територијата на автохтоните народи. Од него зависи опстанокот на владата. Затоа, неми останаа и оние од „безомразно“, активистите и медиумите, дури и кога во ТВ студио објасни дека не зборува во афект, туку го мисли тоа што го зборува.

Години наназад, се изнагледавме партиски лидери (премиер и неговиот опонент од опозицијата, бивш премиер) како порачуваат: ГЛАСАЈ СТОКО! Премиерот, којшто дури и роденденот си го прослави пред владата, на еден друг митинг во Штип, на присутните сопартијци или отсутните непријатели (!?) им порача: „ве повикувам да не се правите налудничави, буквално немојте повеќе блесави да ми изигравате!“ Ете, тоа е нивото! Шарената револуција не само што не значеше демократизација, туку и помогна локалните избори да станат заложник на армагедонската битка. По обичај, оние кои треба да водат општини небаре инфантилни, стојат настрана и чекаат на знак од лидерот да ја дигнат тупаницата и гласот – за да бидат ехо на саканите лидери. Едвај некој и да верува дека се ова локални избори; сите пораки се хамлетовски, драматични, а ветувањата грандиозни и неостварливи. Нивната намена е повеќе да влеат гнев или страв отколку верба во поквалитетен живот во нивната мала општина. Се вееја џиновски знамиња, се зборуваше за НАТО и ЕУ, за бегалци и за името… за сѐ се зборуваше (ако некој и ги слушаше внимателно), ама не за она за што требаше да се зборува. Едните ја бранеа Македонија, другите го бранеа животот – без едните месии нема Македонија, без другите нема живот. Вистина, се зборуваше многу за чист воздух – мислиш нобеловциве дошле до генијално откритие за негово прочистување. А моја умна пријателка и колешка неодамна, меѓу другото, запиша: „Земјава ни личи на нашминкана метастазирана баба на која ѝ се разлеала шминката од внатрешниот гнилеж и влијанието на неповолните надворешни климатски фактори. Не знам колку ќе биде важен мојот глас на локалните избори, но знам за кого ќе гласам, ако решам да гласам. Еве ќе ви кажам, ќе го гласам оној градоначалник што: нема да го собира своето членство по плоштади што ќе бидат опустошени по секој митинг; ќе излезе со своето членство и ќе направи чистење на својот атар: од ѓубре, глодари, троскот и треви на банкините од патиштата; наместо патнички автобуси по градовите ќе пушти камиони што ќе го соберат сето ѓубриште што ни се наталожило со години по подрумите; ќе стави корпи за отпадоци и ќе ги одржува, секојдневно… “ Да, после сѐ што видовме и слушнавме во кампањата, нејзината желба се покажа како утописка.

Ѓаволскиот круг на избори заради нови избори е во полн замав, а во име на забивање последен удар на груевизмот, се преземаат мерки кои не само што го ребрендираат (во заевизам) туку и го ревитализираат. А Македонија не е земја во која сонцето вечно грее, туку е земја на (диви) депонии и на сеопшта (материјална и духовна) запуштеност. Таа е напуштена и од бога и од луѓето. Умираат новороденчиња, сиромашните се (само) предмет на некаква стратегија (по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата), во болниците и околу нив нечистотија и очај (но, министерот се бори да го усреќи Гостивар). Владата ќе разговара за нивните проблеми со невладините организации пред камери, затоа што така е редот, ама зад нив богатите ги прави уште побогати. Гласачите на кои толку многу им се додворуваа(т), и самите запуштени, оставаат зад себе смет, оштетуваат и кршат, затоа што оваа земја, простете, им ја направија туѓа. Се трескаат в гради од љубов за нацијата или демократијата, ама ќе го испоганат дури и она што како козметика ќе им го изградат општинските „татковци“ („мајки“ нема бидејќи елити зборуваат за жените во политиката само на наменски конференции организирани од странски донатор; местото на жените е – истото како и пред „револуцијата“.)

Напишано за Нова Македонија
Фото: Влада на РМ виа Facebook