Непразнична колумна

Колумната ја пишувам на државен празник во одумирање. Воведен во 2007 година, тој отсекогаш повеќе асоцираше на (полуприватен, полудржавен) празник на (тогаш) владејачката партија, отколку на симбол на значаен историски настан. Со овогодишното одбележување – за кое се верува дека е последно – се затвора десетгодишниот циклус на злоупотреба на денот на оснивање на Македонската револуционерна организација (МРО). Во време на колосален пораз на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ го искористи за предизборен собир во пресрет на вториот изборен круг во Штип, партискиот „Аламо“ за спас на образот на партиското водство. Ништо ново, бидејќи низата на десетгодишни помпезни прослави беше исклучиво детерминирана од партиските интереси. Како што започна да се слави, така и ќе заврши. Празникот беше воведен наменски, за да ја зацврсти симболиката на еден лажен историски и идеолошки континуитет (од движење кон политичка партија, со безвремен пристап кој требаше да премости вековите, од Отоманска до модерна Македонија). Целта и ефектите беа узурпација на државата, со злоупотреба на идејата на македонштината. За жал, Денот на македонската револуционерна борба остана попознат како Денот на ВМРО (или ВМРО-ДПМНЕ). Впрочем, празниците ретко кога имаат врска со историските факти, а постојат повеќе како ритуали со политичка/национална цел, а не како моменти на пиетет или ретроспектива за тоа што било и промислување за тоа каде чекори општеството. Социјалдемократите никогаш не го славеа овој ден, а албанските партии не се пронајдоа ниту во (митот на) Крушевскиот манифест, па никој не може ни да ги обвини што не видоа ништо значајно во овој ден. Се чини, малкумина вистински ќе жалат за укинувањето на празникот – освен како скратување на еден неработен ден (особено ако истиот се спојува во продолжен викенд). Да бидеме искрени, граѓаните одамна немаат со што да се гордеат, ниту вистински чествуваат празници – освен ако се верски! Овие вторите се единствените кои ова патријархално општество го врзуваат за некаква мистична традиција, за предците, семејството и опстанокот. Македонците (а за Албанците и за другите и да не зборувам) едвај и да ги прославуваат 2 Август или 8 септември – датуми (особено првиот) со поголема историска тежина од 23 Октомври. Во ситуација на целосна општествена аномија, недоверба кон заробената или веќе непостоечката држава, луѓето повеќе се приклонуваат кон верските симболи. Така, дури и 2 август повеќе се слави приватно како Св. Илија, а во колективната перцепција 24 Мај не е Ден на просветителството (во нација која едвај и да си го познава мајчиниот јазик, и во која дури и професорите и интелектуалците се полуписмени), туку претежно како ден на светците Кирил и Методиј. Ако ВМРО-ДПМНЕ успеа да ни го одмили симболот на борбата за македонската самобитност, СДСМ е на добар пат да успее во друг вид на историски ревизионизам, а со цел да ги задоволи соседите и да му се допадне на Брисел. Во времето на своето владеење ВМРО-ДПМНЕ на орвеловски начин ја избриша КПМ како предводник на НОВ, а СДСМ е веќе ангажиран во (исто така, орвеловско) ревидирање на спомениците, говорите и историските читанки (операција која е во тек) за да не се навредувале чувствата на Бугарите и Грците. Зарем е чудно тогаш што ни постарите, а камо ли помладите, не знаат што всушност славиме на 11 Октомври, ако не постоела ни КПМ, ниту бугарски окупатор?

Зачестуваат повици за забрана на употребата на кратенката ВМРО во имињата на политичките партии, односно да се лоцира во музеите и историјата каде што и припаѓа. За жал, најчесто ваквите иницијативи се со партиска заднина, бидејќи се ставени во контекст на целосна пресметка со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како со злосторничка и криминална организација. Како што велат првенците на сегашната власт, но и некои други, ВМРО е свето и не смее да се врзува за една партија, особено кога таа воспоставила (наводен) терор и владеела на криминален начин. Историските факти се малку покомплексни: никогаш не постоело едно (В)МРО, ниту постоел историски континуитет во дејствувањето/постоењето на оваа организација (од МРО, до ТМОРО, ВМРО, ВМРО-ДПМНЕ): некогаш било лево, некогаш десно, некогаш напредно, некогаш со елементи на терористичка (полу)воена организација, некогаш посветено на Македонија (сфатена во поширока, политичка смисла – или во тесно национална), а некогаш со визии кои немале многу врска со македонштината. Доколку наскоро и формално-правно се укине 23 Октомври, тоа ќе додаде дополнителен зачин во чорбата, имајќи го во вид начинот на кој СДСМ дојде на власт по пат на т.н. „Шарена револуција“ – партија која дојде на власт со (наводна) револуција ќе го укине празникот со кој се обележува револуционерноста во македонското движење. Историските факти зборуваат дека Македонците учествувале во бројни револуционерни и ослободителни движења (од Балканските војни, до Октомвриската револуција или Шпанската граѓанска војна), но ретко кога на страна на македонско движење. Дури и вклучувањето во НОБ е задоцнето и со директен поттик и организациска поддршка од страна на КПЈ. Во СРМ меѓусебната битка не престанува, туку е обележана со вонсудски елиминации, казнувања, прогони на Голи оток, за да во независна Македонија продолжи во вид на лустрација. Во 1991 година, независноста дојде повеќе како нуспродукт на историските настани за кои Македонците и немаа своја визија или план Б, а Шарената револуција беше сѐ, освен автентична, автохтона и демократска. Звучи грубо, ама Македонците отсекогаш биле вејка на ветерот. Чудо е како воопшто и опстанале со такво отсуство на национална самосвест, водство и свест/визија за себе и за заедница. Најмногу време во историјата минале, и сѐ уште минуваат, во војна на секој против секого, едни спроти други, со менување или освојување на „сојузници“ во таа битка, без преголема пребирливост или гадливост. Во моментов, тасот на политичката вага е оличен во сејач на национална омраза како Села, односно во криминализираната (и амнестирана од воени злосторства) ДУИ, од кои зависи опстанокот на владата на СДСМ. Реформаторите на „новото“ ВМРО-ДПМНЕ докажуваат уште еден политичка парадокс: во минатото тајните служби формирале политички партии, денес тоа го прават странците кои уриваат и воскреснуваат.

Паролата „Сите сме ВМРО“ никогаш не го одразувала духот на essentialia negotii (минимален заеднички именител на заедницата, дури и ако ја земеме во лимитирана форма во „македонскиот блок“). Обратната парола на денот „Да се уништи вмровштината“ е, исто така, погубна. Двете верзии се симболи на „братоубиствена војна“, која преживеала низ вековите. Нешто е многу погрешно ако симбол на една нација е пирејот: секоја чест на писателот, но пирејот е коров: отпорен, жилав, издржлив на секакви временски непогоди, ама сепак тој е коров од кој не се раѓа ни цвет, ни плод. Нашиов коров е и необичен: тој не се ни шири, ни множи, туку е успешен само во сопственото преживување, поради што го изгонува она што е највредно од неговата средина.

Напишано за Нова Македонија