Независност и (не)извесност

Овие редови ги пишувам во време кога иако се уште не се познати ниту текот, ниту резултатите од референдумот за независност на Каталонија. Сепак, и просечна Касандра може/ше лесно да го прогнозира исходот од поодамна. И покрај сите настојувања на шпанската влада да не го види „слонот“ во сопствениот двор, и сета поддршка што ја добива/ше од ЕУ и особено Меркел, овој чин се навестуваше како неизбежен како во самоисполнувачко пророштво. Особено од 2008 година натаму, стана јасно дека темелите на шпанската држава се нишаат сериозно, општеството минува низ трауматичен период, поради системска корупција и делегитимација на политичките партии, длабоката социјална криза проследена со висок степен на невработеност и осиромашување. Кризата на националната кохезија доаѓа како „шлаг на торта“. Попусто Шпанија одби да го признае Косово, верувајќи дека така нема да даде повод за домашните случувања и ќе ја држи под контрола состојбата во земјата чии расцепи датираат од многу одамна, но кои и денес создаваат ехо од времето на Франковата диктатура. Во периодот по диктатурата, и особено по брзиот прием во тогашната Европска економска заедница (денешната ЕУ), се чинеше дека прогресот ќе ги залечи отворените рани и национални фрустрации. Особено јазичната политика, која го ревитализираше каталонскиот јазик (претходно забранет од режимот со закана од санкции), обезбеди намалување на тензиите. Но, за нас од овој регион, сценариото е добро познато: од запаѓањето во длабоката замка на економско-социјалниот безизлез (меѓу другото, и како резултат на европската финансиска криза), до јакнењето на сепаратистичките тенденции во пазувите на некогашното моќно империјално кралство, беше потребен само чекор. Каталонија е креатор на преку една третина од националниот доход, толкав е и уделот во странските инвестиции, прогнозите за економска одржливост не се воопшто лоши, па шпанската Словенија почна сѐ посериозно да размислува за осамостојување, национална еманципација, ама и одделување од остатокот на Шпанија која сѐ потешко се справува со политичката криза.

Предвечерјето на референдумот е исполнето со силни тензии, па дури и страв од насилно сценарио – не поради милитантноста на „сепаратистите“, туку поради таа на централната власт. Неделава наутро Каталонија е под полициска опсада, се води првата „интернет војна“ во рамки на една држава (како што затворањето на интернет-страниците и мобилната телефонија, го нарече Асанж), Каталонците ноќеваа по училиштата и објектите каде што се предвидува одржувањето на референдумот. Со оглед на тоа што референдумот беше квалификуван како обид за државен удар, а под закана од апсење од страна на јавниот обвинител е дури и премиерот на покраината, мнозина прогнозираат дека референдумот, всушност, ќе се претвори во масовен облик на граѓанска непослушност. Каталонците се единствени во уверувањето дека референдумот е демократско, па и европско средство за изразување на слободната волја и правото на самоопределување, иако ставот во врска со иднината на Каталонија е поделен. Обидувајќи се да го спречи референдумот, и употребувајќи физички средства на репресија и закани и врз локалните политичари и врз граѓаните, Шпанија го помага она што сака да го спречи. ЕУ е повторно затечена, зборува за внатрешни работи на држава членка, за уставен поредок и немешање, како и за одржување на територијалниот интегритет на Шпанија. Во колективната меморија, пак, на Каталонците се свежи сеќавањата дека последен пат кога Германија застанала на страна на шпански режим било во времето на Франко. Така, пораката на поддршка на Меркел е повеќе мечкина услуга отколку помош за конзервативната влада во Мадрид.

Гледано од наша призма, чувствата се мешани: од една страна, „дежа ву“ на сценарио кое заврши со многу крв, омраза и конечни делби; потсетување дека независноста не значи крај на битката, туку почеток на неизвесност; дека државата може да биде само празна фасада и зад можната еуфорија заради остварување на правото на самооопределување, повторно да стои етнополитичка манипулација и создавање на нова (национална) елита која многу малку ќе се разликува од претходната, додека глобализацијата и неолиберализмот и натаму ќе ја собираат жетвата. (Впрочем, за премиерот на Каталонија веќе се зборува дека е втор Макрон и дека е посветен на ЕУ и неолибералната медицина). Иако овде повеќе станува збор за „словенечка варијанта“ (низ уставно-правен процес, мирољубиво, европско, итн.), сепак ова е тест и за Шпанија и за ЕУ. Некои сметаат дека евентуалната независност на Каталонија ќе биде посилен удар за кохезијата на ЕУ отколку Брегзит. Каталонците се, всушност, граѓани на ЕУ, употребуваат мирни и институционални методи за осамостојување, а се третирани полошо, на пример, од Албанците во Македонија за време на референдумот за Илирида! Впрочем, ниту еден референдум за независност од СФРЈ не беше спречен со сила – од Словенија до Македонија! (Иако многу од мерките преземани во Каталонија изминатиот период будат негативни сеќавања кај Македонците во врска со референдумот од 2004 година – кој, всушност, во заднина имаше обратна тенденција на онаа на етнонационалистичка делба). Сведочиме уште еден парадокс, сега во рамките на ЕУ, во која правото на самоопределување на една мала нација е јаболко на раздор, но и доказ дека членството во ЕУ не е универзален лек за сите проблеми, па ни за сепаратистичките тенденции. Токму ова, заедно со новата меѓународна стварност создадена по отцепувањето на Косово од Србија и анексијата на Крим и двојните стандарди кои го фрлија меѓународното право на буниште, создаваат нескриен страв во многу делови на Европа. Конфузија постои и на ниво на интелектуална, академска и особено левичарската сцена: од една страна, непоимливо е европска демократска држава со насилство да спречува референдум поддржан од преку 80 отсто од населението, но од друга – исто толку тешко е да се сфати дека голем број од популацијата и натаму не ги гледа корените на кризата во економската, социјалната и политичката сфера, и бара спас во етнонационалната.

Гледано низ наша призма, овие случувања додаваат дополнителен страв и неизвесност, особено во светлина на најавата дека Македонија се претвора во територија (под невидливо надворешно старателство), во која пописот станува етно-политички непожелен, па се воведува регистер на населението. Така, доаѓаме до парадоксот во кој државата одумира со нејзино јакнење, многу познат рецепт од времето на сталинизмот. Македонија престанува да биде (нормална) држава (ако тоа некогаш воопшто и била) и станува посебен случај, од типот на Авганистан, Либан, и некои слични „невозможни општества“. Македонската државна (при)сила расте, во функција на локалниот партикуларизам, на ниво на менаџирање со човечки ресурси, без никаква идеја за заеднички јавен интерес и планирање на развојот.

Напишано за Нова Македонија
Фото: David Ramos/Getty Images