Секуларен поглед на реформацијата

Додека нашата јавност тивко негодува за одлуката на митрополитот Агатангел да им наплатува на верниците кои се сликаат пред црквите, Европа одбележува 500 години од Реформацијата. Во општество кое се смета за (про)западно, т.е. (наводно) ги прифатило западните вредности, најлесно се прифатија паганско-комерцијалните „празници“, како Денот на вљубените (Валентајн) и Ноќта на вештерките (Халоувин). Прашање е колкумина воопшто слушнале за настанот од 31 октомври (1517 год.), кога свештеникот и универзитетски професор, Мартин Лутер, ја предизвикува римо-католичката црква, како што вели легендата, со прикачување на ракописот („95 тези“) на вратата на катедралата во Витенберг. Ракописот бил критика на верското учење и практиката на црквата, со кој Лутер сакал да поттикне јавна дебата. Како што вели нобеловецот Белоу, плодот на неговата мисла е резултат на времето поминато во целосна посветеност и исклучување на „шумот на историјата“, разговор со себе и своите сомнежи и дијалог со тогашната неприкосновена црковна доктрина. Без такво игнорирање на доминантната мисла, на мејнстрим начинот на размислување (со денешен речник), не е можно да се создаде еретичка и оригинална мисла која ќе им пркоси на сите. Денес, токму „шумот на историјата“, дури и од научниците, прави политички коректни и самоцензурирани личности, кои не сакаат или се плашат да брануваат, за да не доживеат екскомуникација. Критиката на Лутер била поврзана со раширената црквена корупција и измама со т.н. индулгенции, со кои верниците можеле да ги откупат своите или гревовите на своите починати со пари, со уверување дека така ќе се скрати времето минато во чистилиштето и ќе се ослободи патот кон рајот. Но, Лутеровиот интелектуален предизвик бил многу повеќе од тоа: на извесен начин тој го артикулирал (постојниот) протест против средновековното општество кое било хиерархизирано, корпоративно и суеверно, со што бил отворен долгиот пат кон хоризонталното, индивидуалистичко, рационално и антропоцентрично сфаќање на светот. Лутеровата теолошка мисла го пушта на слобода и духот од шишето, па дебатата се пренесува на поданството и отпорот и кон политичката власт. Самата идеја за авторитет/моќ, верска или политичка, станува предмет на дебата и преиспитување. Лутер не можел да сонува каков след на настани, во верскиот и во световниот живот, ќе покренат неговите куси тези (твитови?), како ќе станат „вирални“ (со помош на тогашната комуникациска техника – печатење), но и како неговото учење ќе биде (зло)употребувано и митологизирано. Неговите тези претставуваат „идеја чие време дошло“ (а која ниту една армија не може да ја уништи) – да го парафразирам Виктор Иго, но не само поради неговиот удел, туку како последната капка која ја прелеала веќе полната чаша. Историски следуваат драматични настани: поделба на црквата (сѐ до денес), војни и пролеана крв ширум, вклучително и (зло)употреба на антисемитските мисли на Лутер во време на Холокаустот. Чесно е да се каже дека Европа и пред Реформацијата не била место на мир и хармонија, а дека многу протестанти завршуваат во конц-логорите поради одбрана на Евреите (најпознат е пасторот Мартин Ниемулер, авторот на незаборавната „Најпрво дојдоа по комунистите“). Низ вековите доаѓа до длабока реформа и на католичката црква, но уште поважно овие промени создаваат услови за втемелување на секуларниот модерен свет. Лутер е симбол на она што може индивидуален чин на храброст да стори, но е и потврда на тезата дека поединец може да го менува светот само ако постои потребниот интелектуален и социјален капитал. Колку што ризикувал тој, толку ризикувале и оние кои го штителе и бранеле, а нивниот кураж ги поттикнувал и другите да го следат нивниот пример; со фрлање едно камче во мирната вода се создадени концентрични кругови, кои ги надминале Витенберг, Германија и Европа, но и кругови кои излегувајќи од верските рамки, ги заплиснале световните. Мартин Лутер напишал: „Јас само подучував, проповедав, и го запишував божјиот збор; јас не сторив ништо, Зборот стори сѐ!“. Зборот ослободил, ама Зборот бил и злоупотребен за цели спротивни на она во што верувал авторот, кој веќе не бил господар на Зборот.

Во пресрет на јубилејот објавени се огромен број осврти (не и кај нас). Од основниот фасцинантен наратив извираат толку многу размисли за импликациите на реформацијата, што мисловните патеки се движат од теолошката, онаа за тешкиот пат на помирување меѓу протестантите и католиците, за влијанието на оваа делба врз конфликтите (Северна Ирска), за улогата на комуникациите во ширењето на идеите (од Гутенберг до Твитер), за тоа што ЕУ може да научи (граѓаните, посредниците и врховната власт), па и дилемата за односот меѓу индивидуализмот и кршењето на социјалните врски, слободата и тоталитаризмот. Суштинската нишка, запоставена од нашата јавност, е во значењето на Реформацијата за развојот на индивидуализмот, науката, капитализмот и конституционализмот, секуларизмот, па и атеизмот. Времето во кое еден свештеник покажува непокорност кон врховниот авторитет (16 век) е време кога на овие простори (пусто турско) се создаваат народни мудрости за „наведнатата глава“, „молчењето е злато“ и сл. Бајката за „Царевото ново руво“ стасува многу подоцна, а и денес малкумина сфаќаат дека таа не е четиво за деца, туку (и) за возрасни. Индивидуализмот не започнува со Лутер и со протестантизмот; тој се надоврзува на зародишот од времето на раната Ренесанса, ама за разлика од тој индивидуализам („ренесансниот човек“) кој бил елитистички, протестантскиот станал масовен феномен. Тој добива извесна демократска содржина, бидејќи за првпат му се обраќа на обичниот човек. Во суштината на теолошкото учење е идејата дека индивидуите, а не институциите околу нив и над нив, имаат право да го креираат светот. Лутер го доближува верското учење до масите (меѓу другото, и со превод на Библијата на германски јазик). Учењето било апел до верниците како индивидуи на кои не им е потребен (отуѓен и корумпиран) посредник за да бидат блиску до Бога. Протестантизмот го оснажува истражувачкиот дух и љубопитност, а верувањето во природното право станува начин на откривање на објективниот свет, кој се оддалечува од верските откровенија и проповедите во кои свештениците имаат монопол над вистината и наметнуваат догми. Меѓу оние кои набргу ќе го применат овој метод се Коперник, Галилеј, Њутн. Протестантот Гроциус ги пишува првите дела за меѓународното право, кои се предвесник на Повелбата на ОН. Врската на протестантските вредности со капитализмот е во тоа што Лутер смета дека секој оној кој е посветен на некоја професија има морален дигнитет, односно за да се има благороден живот, човек не мора да биде земјопоседник, свештеник, војник или аристократ – доволно е да произведува добра и услуги. Од духот на ова учење произлегува и идејата за ограничување на кралската моќ, Повелбата на правата (1688), идеите на Џон Лок и на татковците на американскиот устав. Релевантноста на Реформацијата лежи во актуелноста на прашањето: што значи да си човек и како треба човекот да живее.

Напишано за Нова Македонија