Универзитетот како парапарламент

Пред три години универзитетот стана жариште на активности, коешто ги поврза студентите и професорите на начин без преседан во нашата историја. Не мина долго, а пленумизацијата на универзитетот (главно на УКИМ) се прелеа – или беше преклопена, тоа е прашање за дебата – во/од другите политички текови, кои кулминираа со Шарената револуција, и конечно, со смената на власта. Во борбата против доминантната политичка матрица и партиските притисоци, никој не мина без лузни, особено затоа што делбата во политичката сфера се преслика на академската. Методот на владеење се потпираше на divide et impera, раздели па владеј, потиснувајќи секаков облик на критичко дејствување. Финалниот чин беше, всушност, обид не само за гушење на автономијата, туку и за супституција на универзитетот со државни експозитури. Државата/политиката посака да стане врховен арбитер во однос на студирањето и признавањето на стекнатото знаење (државен испит кој студентите мораа да го полагаат за да ги верификуваат оценките кои веќе ги добиле од професорите), но и во поглед на надворешната евалуација и „дисциплинските мерки“ во однос на професорите. Во јавна кампања се стигматизираа професорите, како корумпирани мрзливци и некадарници, кои државата треба да ги стави на ред. За пленумите беа измислени контра-пленуми. Но, промената на балансот на политичката арена нужно се рефлектираше и на академската, каде се формираа невидливи табори на (нова) „власт“ и „опозиција“ – со неизбежни „сончогледи“. Изборите за декани, раководители, сенатори и слично се одвива/ше (и) под сенката на прашањето кој е заслужен, а кој не – во пленумска смисла.

По консолидацијата на власта и по чистката на неподобните од редот на стручните тела во областа на високото образование, требаше да дојде до нормализација и универзитетот да ѝ се врати на својата основна мисија и функција. Министерката за образование и наука, која иако со политички бекграунд, за наша среќа, доаѓа токму од редот на редовните професори (без багаж од пленуми и контрапленуми), меѓу другото, се зафати со изработка на нов Закон за високото образование. Формирана е Работна група во која се застапени претставници на главните фактори (стејкхолдери). Но, сега се случува нешто необично: ако порано државата (на ВМРО-ДПМНЕ) сакаше да биде универзитет, сега универзитетските професори е обидуваат да ги супституираат надлежните инстанци. Налик на она што изминативе месеци се случува во парламентот каде власта и опозицијата се натпреваруваат со истовремено поднесување на законски предлози, така и на универзитетите се води дебата за паралелни „предлог-закони“ поднесени од анонимни групи професори. Едниот е дистрибуиран од ректоратот, а другиот во име на Професорскиот пленум (под типична политичка парола „Ветено – сторено“ – небаре добиле легитимитет на избори и врз основа на нешто ветено, а што е во нивна надлежност). Во тек е „јавна“, па дури и амандманска, дебата во рамки на Наставничките совети. Групите работеле небаре масонски ложи или на тајни вечери, со тешка конспирација за секој кој не е нивен, за на крајот, во „фото финиш“, да истрчаат со своите верзии за кои бараат поддршка и легитимитет. (Не)ветено – октроирано! Она пред што сега е исправено мнозинството (кое ниту знаело, ниту било информирано или вклучено во делиберативна или дури и во паранормативната постапка) е да се определи (на сопствен ризик) дали ќе го поддржи ректорскиот или пленумскиот „законски предлог“. Се чини дека борејќи се против авторитарна и затворена власт, универзитетот не ја научил лекцијата, кога работи на ист нетранспарентен начин (освен за членовите на одбраната група, небаре другите се непријатели или нечинители); групите работеле не само паралелно, туку и независно една од друга; меѓу нив постои (тивка или отворена) конкуренција чиј „закон“ ќе помине, што е „рачун без крчмара“. Делбата се продлабочува, а не надминува; некои си го земаат правото да претставуваат ентитети кои ниту постојат формално-правно, ниту пак некој знае колкав дел од академската заедница обединуваат. Ова е особено важно ако се знае дека уште на зачетокот се инсистираше дека пленумот нема организациска структура, и го сочинуваат оние кои in vivo (со физичко присуство) одлучуваат на дадена средба. Што (о)станало од Професорскиот и Студентскиот пленум е сосема нејасно, ама и небитно кога околностите кои создадоа потреба од алтернативни облици на здружување се радикално сменети. Или можеби не се? Начинот на кој јавно се промовираат (социјалните мрежи и медиумите) укажува на елитистички, „првоборечки“ статус, кој за останатите треба да биде ултимативен аргумент за нивната повисока морална (не нужно и висока академска) позиција од сите останати. Нема да навлегувам во тоа колку овие „предлог закони“ (терминологија, инаку, карактеристична за вистинската законодавна постапка која се одвива исклучиво во парламентот) се издржани, колку се слаби во номотехничка или друга смисла, колку се резултат на козметички промени на стари закони, или содржат издржани и иновативни решенија. Зачудува што наместо инклузивна дебата (која можеше да се одбива и без влада и без пленуми), двете групации кои тврдат дека ја претставуваат академската фела, влегуваат во нормативен илузионизам. На овој начин се делегитимира, дерогира, па и отежнува работата на министерството и Работната група. Во рок во сличен на оној што своевремено ни го даде Адеми, од нас се бара да се изјасниме – ама не се знае кому, бидејќи или се сомневаме или прејудицираме нешто што новата влада веќе си го зела како обврска. Ако сака да постапи спротивно на бившата власт, новата ќе треба да подготви закон врз основа на консултации и анализа на потребите и проблемите во високото образование. Во редовна постапка треба да се отвори јавна расправа во која сите, пленумци или непленумци, ќе се изјаснат, вклучително и во собраниските комисии. Во спротивно, двете групи законотворци-професори треба да одлучат дали ќе собираат 10.000 потписи или ќе се одлучат за лобирање преку пленумците кои се сега пратеници. (Пост)Револуционерната атмосфера ја гуши нормалната академска дејност, и внесува семе на поделба, покрај бесмисленото дебатирање по закони и членови кои некој си ги смислил затоа што сакал да го исполни ветеното (некому?!). Бизарно, ама владеењето на правото и натаму е една од послабите карики. На правната процедура се гледа како на нешто што нервира и попречува нештата да си се одвиваат волунтаристички (по сила на „нашата пракса“); понекаде е потребно да се воведе вечерно училиште по основи на правото, дури и за оние кои вршат функции на правници (без правен факултет). Откриените противзаконски акти се „решаваат“ во ракавици и со византиски методи; криминали се прикриваат со завет на молк за „да се сочува угледот“. На укажувачите им се одговара со една позната фраза од бившиот режим: „сѐ е во рамки на нормативните акти“. Затоа, новиот закон нема да смени ништо битно, освен што некои ќе се китат со нови заслуги за народ.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Cole Keister via Unsplash