Балсамираниот Црвен октомври: 100 години подоцна

И оваа недела пишувам за голем јубилеј – стогодишнината од Големата октомвриска револуција, која е предмет на огорчени и необјективни критики, оплакување или некритичко славење. А поентата е во давање објективен осврт на една епска приказна на еден невозможен сон кој со тек на времето се претвори во кошмар поради заемното влијание на бројни фактори, како неповолни/назадни социо-економски услови, надворешни интервенции, отсуство на демократски традиции и погрешен став по прашањето за односот меѓу социјализмот и демократијата. Левичарските кругови знаат да се препуштат на романтизирање, но студената реалност на историските факти безмислосно удара в лице. Кај нас речиси и да нема левица, па нема ни романтизирање, но затоа има фрлање на бебето заедно со водата. По „падот на комунизмот“ речиси задолжителна домашна задача на секој прогресивен интелектуалец во Источна и Југоисточна Европа беше/е да ги анализира настаните од 1917 година како нешто од што треба да се извлечат (само) морални поуки. Црвената револуција (како и сето друго во црвена боја) се третира како огромна грешка – морална, политичка или идеолошка – која довела (само) до катастрофа. Извлечените поуки се такви што и се очекува: почнуваат и завршуваат со критика на злото на комунизмот/социјализмот и негово поистоветување со фашизмот. Уверувањето е дека откако ќе се осуди оваа гигантска историска грешка, општеството ќе биде отстранета секоја можност од повторување на катастрофата, а на оние кои се надеваат на револуционерен пресврт ќе им се покаже дека припаѓаат во музејот на историјата (ако не во казнена институција). Надмениот моралистички однос кон епохата, настаните и личностите за свој претекст ја има легитимацијата на сегашниот поредок, колку и да е несовршен, нехуман и неправичен, како единствено можен свет. За интелектуалната елита од бившите социјалистички земји, 100-годишнината од Револуцијата е време на окајување и прочистување (барем кај постарите, младите едвај и да знаат за што станува збор). Руското јавно мислење е поделено, а односот на елитата укажува дека духот на револуцијата е застрашувачка визија. За автократ како Путин сликата на гневен народ е далеку од национален симбол. Неодамна во Сочи, тој изјави: „Револуцијата е секогаш продукт на отсуство на одговорност.“ За американската јавност јубилејот доаѓа во вистински момент (на обновување на Студената војна) како „историски доказ“ за злото кое отсекогаш доаѓало од Црвените и од Истокот. Како што опстојувањето на социјалистичкиот свет почиваше на митови и (ре)интерпретации на Марксовата, и подоцна Лениновата мисла, така и критиката на тој систем почива на хипокризија за сопствената супериорна моралност. Префрлувањето дека (само) Болшевиците/комунистите биле водени од прагматичната теза дека „крајната цел ги оправдува средствата“ (т.е. дека повисокото добро е поважно од моменталното страдање и кршење на човековите права на долгиот и тежок пат), се разбира, тргнува од претпоставката дека денешната либерална демократија воопшто не прибегнува кон такви методи (дури и кога во нејзино име се бомбардираат невини луѓе ширум светот).

Без амбиција на навраќање на идеолошките расправи од она време, сепак е важно да се каже дека Октомвриската револуција била можна само како отстапување од Марковата мисла за победата на пролетеријатот како глобален проект. Денес може до бескрај да се зборува за (зло)кобната улога на Ленин, Троцки, Сталин и останатите, но до револуцијата не доаѓа поради силна политичка волја или од идеолошки причини и завери, туку поради објективни историски околности, кога царскиот деспотизам станува кула од карти, колабира, а единствената организирана сила е Руската социјалдемократска работничка партија. Во стилот на она „што би било кога би било“, мнозина размислуваат дека нештата би се одвивале поинаку доколку во внатреидеолошката битка победеле Меншевиците, односно доколку првиот чекор бил насочен кон буржоаска револуција во полуфеудалната земја. Да претпоставиме дека се во право, па да замислиме дали светот би бил поинаков да не успеел историскиот експеримент на социјализам во една земја (со подоцнежен извоз во други земји). Што би значело тоа за глобалните состојби и за конкретните народи? Навидум, нештата би оделе по еволутивен пат, наместо револуционерен и насилен, па би немало гулази, тоталитаризам, вождови, тајни служби, кодоши, концентрација на моќ, командна економија… Веројатно, во таков случај, „крајот на историјата“ би настанал и пред Фукујама. Избегнувањето на „историската грешка“ на социјалистичката револуција и диктатурата на пролетеријатот – дури и само хипотетички, како замислено сценарио – не би значело дека е најдено решение за основните противречности на капитализмот, површната глазура на либерализмот зад која опстојува систем на масовна експлоатација, социјална неправда, милитаризам и империјализам, но која знае да заврши и во нацизам. Без оглед каква ќе биде опсервацијата на оваа стогодишнина, и каков е судот на историјата (кој е суд на победниците, се разбира), оваа генерација има поургентни проблеми. Меѓу нив, најважните не се само справувањето со социјалистичкото минато (и изворот на злото од пред 100 години кога, патем, овде на Балканот се војувало и клало за земја, а не за социјална правда), туку и со преиспитување на неуспехот на демократизацискиот либерален проект од изминатиот четврт век, од аспект на нов неоколонијализам и живуркање во барата на периферијата, кои сега се водат не од Москва или Белград, туку од Брисел. Гледано низ поширока призма, предизвикот не е повампирување/ренесанса на комунистичката идеја, туку првенствено во рециклирањето на крајната десница која маршира сѐ порешително во многу земји членки на ЕУ/НАТО. Ако (крајната) лева идеологија е носител на семе на злото, односно не е решение на противречностите на современиот свет, тогаш кој е одговорот на неофашизмот и глобалниот милитаризам – во кој така желно очекуваме да партиципираме, како и некогаш во социјалистичкиот (или титоистичкиот) свет? Во времето кога го потресува светот, Октомвриската револуција била споредувана со Француската. Но, како и таа, и оваа е одбележана со крв и страдања – но, и изневерување на очекувањата и надежите на оние кои најмногу се жртвувале. Денес најадекватен симбол на Револуција е балсамираното тело на Ленин (93 години по неговата смрт). Сега автентичниот глас на сиромашните и несреќните е придушен, неартикулиран, заглушен од бомби или пропаганда за рај на земјата (членство во ЕУ/НАТО). Но, ако историјата нешто воопшто може да нѐ научи е дека движечките фактори и ерупции, како Октомвриската, не можат ни да се потиснат ни да се уништат на долг рок. Непознаница е по која цена во животи ќе дојде до социјална промена (или до чување на статус квото). Инаков свет веќе не е прашање на возможност, туку на нужност. Таа идеја е сламка за спас на човештво кое умира од самоуништување, еколошка деградација, грабеж на ресурси и пад на човечкиот дух и хуманост.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Државен архив за социјална и политичка историја на Русија/Асошиејтид Прес