Политичка форензика

Кога пред неколку дена беше изречена пресудата за Ратко Младиќ, ми се јави новинар да се пожали дека не може да најде соговорник кој би ја искоментирал, а во контекст и на Иницијативата за РЕКОМ (за регионалната комисија за утврдување на фактите за злосторствата од 1991-2001 година). Тоа што јавниот заговарач за Иницијативата во Македонија бил во странство не може да го поништи фактот дека во оваа земја има 20-30 правни факултети, огромен број правници, меѓу кои и кривичари – луѓе кои би морале компетентно да зборуваат на темата за ретрибутивната правда и соочувањето со минатото. Но, исто така, факт е дека добар дел од оние кои професионално се бават со кривично право се експонираат како квази-конституционалисти и како припадници на своите етнички заедници, па прашањето на одговорноста и вината за злосторствата од минатото ја гледаат или селективно – или сосема ја превидуваат. Другата работа е уште позначајна кога станува збор за македонската позиција по однос на овие прашања: овде не само што прашањето за војните од бивша СФРЈ и нашата мала „војна“ се турнати под чергиче, и нерадо се предмет на јавна дебата, туку прашањата за соочувањето со минатото последниве години се трансформирало во прашање на односот кон „режимот“ и неговите „злодела“. Накусо, жртвите и исчезнатите од 2001 година воопшто не се од интерес за цивилното општество и академската заедница, ниту за медиумите, а уште помалку за политичарите. Да биде иронијата поголема, владејачката елита се зафатила со средување на добрососедските односи по пат на рециклирање на едно малку подамнешно минато, па и со вистински орвелијански историски ревизионизам, а со цел интегрирање во НАТО и ЕУ и/или „решавање“ на Македонското и/или Албанското прашање. Мислите некому му е грижа за тоа дали доживотната казна затвор за Младиќ, по пресуда за геноцид и еден куп злосторства против човечноста, значи некаква правда за жртвите од Сребреница, Сараево и тн.? Каква тажна правда е тоа кога злосторникот, вака или онака, си го проживеал животот (најголем дел на слобода), а остатокот ќе му биде во некој удобен затвор на западот, како да е во старечки дом?

Македонија, традиционално, се однесува како ова воопшто да не ја засега. Дури и Хашкиот трибунал, кој веќе извесно се приближува да своето конечно затворање, е за нашата јавност одамна завршена приказна, без никаква поука, без каење, без жалење. Тарчуловски е не само рехабилитиран, туку и награден како народен пратеник. Обвинетите и осомничените од т.н. Хашки случаи се уште со посилна „морална“ позиција – тие се недопирливи и чисти како солза, откако во 2011 година Собранието донесе автентично толкување на законот за амнестија (условот на ДУИ за формирање влада). Тие се веќе одамна добро интегрирани во општествениот „крем“ и никој не смее ни да го постави прашањето за нивната вина – инаку ќе падне владата, сега новата! Интересен пресврт, сепак, прави новата владејачка коалиција, чии лидери – секој во својот домен – се зафаќа со фабрикување на историјата. Заев веќе го избриша бугарскиот фашизам и неговите последици во Втората светска војна, со надеж дека тоа било рамно на свртување кон иднината и европските интеграции. Бугарија, пак, од своја страна, никогаш и не помислила на справување со сопственото црно петно од историјата, ни порано, сега уште помалку – зошто би го правела тоа земја-членка на НАТО и ЕУ, која од инфериорните како Македонија, дури може и да им дава непристојни предлози, кои тие со насмевка ќе ги прифатат?

Албанскиот дел од циркусот наречен соочување со минатото го води Ахмети, додека Заев ги шармира соседите со своите јазични есперанто акробации. Чудно е што никој не писна по повод свеченото погребување на останките од пред сто години во меморијална гробница, кои наводно Ахмети ги нашол при копањето темели на својата куќа. Се разбира, ова е дел од т.н. Тиранска/Скопска платформа, ставката за геноцидот врз Албанците, но изведена на малку поинаков начин од оригиналната замисла. Се поставува прашање како е можно во држава, која претпоставува институции, протоколи и постапки, некој да врши откопување, а потоа и закопување на (наводни) човечки останки, и од тоа да прави свечен чин? И лаик би се прашал: имало ли вештачење? Како е утврдено потеклото и староста на останките? Имаат ли право евентуалните живи членови на семејствата да знаат нешто за нив и да си ги одбележат надвор од политичко-етничкиот спектакл, за да ги оплакуваат и чествуваат? Или можеби, му го предале тоа право на лидерот на етничката заедница за некоја виша цел? Има ли оваа држава судска медицина, форензичари, или Ахмети е прв човек на CSI тимот (од ТВ серијата)? Груби побрза да порача дека, ете, се смилувале и немале да бараат репарации за жртвите од пред сто години (од кого, побогу!?), ама ќе инсистирале на собраниска резолуција! Човек треба да е од камен (или да е политичар од владина коалиција која зависи од ликови како Груби и компанија) за да не почувствува емпатија и гнев за неправдата кон жртвите од пред 16 години! Во ниту едни преговори за владино коалицирање, кога ДУИ изнесувала нај(не)возможни барања, другата страна не излегла со еден скромен предлог: најнапред да се откријат останките на исчезнатите од 2001 година! Барем тоа, ако немаат доблест да се извинат за оруженото насилство! Како тоа Ахмети е сигурен дека останките во неговиот двор се албански коски (ДНК анализа ли им правел „вештаков“)? А како (бивш) командант на УЧК не знае во чиј двор се сокриени останките на цивилите киднапирани и убиени од неговите војници! На крајот на денот, и на крајот на Хашкиот трибунал, ќе остане тажната вистина дека секој рони солзи само над своите гробови, со таа разлика што за некои дури ни гробови нема, нема места на сеќавање и среќавање. И покрај достигнувањата, Хашкиот трибунал не успеа ни да ја наметне агендата на помирувањето помеѓу завојуваните страни. Голем број од неговите осуденици станаа маченици и/или херои кои влегоа (или ќе влезат) во историските читанки, ќе инспирираат нови генерации; голем број осомничени си останаа „чесни граѓани“ на новите држави изградени на крвави темели, а богами се и преговарачи за евроинтеграциските процеси. Додека во Македонија се брише идентификацијата на оние кои пролеале крв и се гледа настрана додека се фабрикуваат меморијали заради опстанок на владина коалиција (која непречено ужива во привилегиите воведени од „режимот“), една регионална иницијатива (РЕКОМ) се обидува да го спречи токму она што деновиве го направи Ахмети со погребувањето на „жртвите на геноцидот“. Нашата влада (и претседателот) само декларативно ја поддржуваат иницијативата, но какви што се покажаа „флексибилни“ кон историските факти, не е чудо она што го градат дење, да го уриваат ноќе – или поточно, она што божем се спремни да го поддржат како регионална иницијатива, да го уриваат во други регионални констелации (со Софија, Атина и Тирана), на штета на фактите и на жртвите. Како да се нареше оваа „болештина“ и лицемерие, ако не кифосколиоза – сколиоза по една оска, и кифоза по друга, иако оската се вика – соочување со минатото.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Larm Rmah via Unsplash