Монструми и терористи

Малкумина пригодно го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби (3 декември). И покрај искрените заложби на луѓето посветени на оваа кауза, нивните напори се осудени на пропаст во земја во чие секојдневие, и особено во политичкиот дискурс, несреќните судбини на овие лица се користат како политички метафори. Професори редовно зборуваат за цел колективитет како за, на пример, „нација со посебни потреби“ (оваа реторика се употребува експлицитно токму од “таткото на Уставот и на Рамковниот договор“). Колкупати само сме слушнале новинар(к)и и активист(к)и кои употребуваат зборовите како „лудаци“, „шутраци“ и „аутисти“ за оние од (спротивниот) политички блок? Агендата на ООН за оснажување, инклузија и еднаквост на лицата со најразлични физички и/или психофизички недостатоци се базира на негување јавна свест за проблемите на овие луѓе, на настојување да им се помогне да не бидат гледани како „изроди“, за што од фундаментално значење е елиминација на стигматизирањето и стереотипите. Неодамна јавноста беше за миг трогната од телевизискиот настап на деветгодишниот Јане, детенце од чии очи блескаа ѕвезди додека зборуваше за својата љубов кон фудбалот и желбата да стане како Роналдо. Толку интелигентна, невина и јасна мисла тешко дека ќе најдете кај возрасните, а таква страст кон животот и постигнувањата е нешто што изумира, па беше речиси нестварно да се доживее преку дете врзано за инвалидска количка. Јане е само едно од децата кои страдаат од ретки болести, чија судбина, ама и живот, зависат од државното здравство. Но, Јане е повеќе од Јане, бидејќи преку неговата приказна до сите нас треба да стасаат апелите на голем број дечиња, млади и не толку млади, кои зависат од државната грижа. Јане само покажа дека зад имињата, сликите и статистиките стојат мали личности, со потенцијали, вредности и желби. Сега кога „дојде живот“, малата Тамара е речиси минато; нејзината смрт беше (зло)употребена за политички цели, но не и за подобрување на положбата на оние кои зависат од општествената грижа. Јагнињата и активистите стивнаа, ене ги како со сериозни ликови дебатираат за потребата од поголем буџет, поскапување на водата и струјата, горивата, итн. Во една опустошена (од башибозук и криминал) земја, задолжена до гуша, буџетски приоритети се нови универзитети (за штанцање дипломи, кои се и онака и безвредни и незасновани на квалитет и на постојните), албански државен ансамбл за народни игри, двојазични униформи и пари, агенции за заштитување на двојазичноста под закана на високи казни – и сето тоа по чисто етничка основа! Поради етничко-политичкиот пазар, Македонија е уникатна земја во која, и после три месеци, избор на министер за здравство (па и на јавен обвинител) не е приоритет. Таравари, оној кој ветуваше, а кој дури за миг ги освои симпатиите и ги подигна очекувањата за конечно средување на состојбите во здравствениот систем, доби „повисока“ (!?) партиска амбиција, и стана прв човек на Гостивар. За лицата со тешки болести или посебни потреби и натаму собираме донации, но затоа патните трошоци на пратениците се вивнаа до точки кои ги надминуваат оние кои досега се сметаа за скандалозни. Додека ја следам јавната кампања во полза на лицата со ментални и душевни болести, а која предводи Корбин во Британија, ми доаѓа да заплачам. Ние сме слепи при очи, и нечувствителни како камен, дури и кога станува збор за видливи телесни недостатоци и хендикепи; за таа најмаргинализирана и најстигматизирана група никој ниту дигнал глас, ниту постои јавна свест или емпатија, ниту сериозно се грижи. Бидејќи со СМС донации не можете да им помогнете на сѐ поголемиот број луѓе чии лузни и болки не се гледаат однадвор, бидејќи ги носат длабоко скриени во себе. Нив сме ги „осудиле“ како „лудаци“, кои треба да ни се тргнат од пред очи, затоа што сме си доволно вознемирени од сопствениот национален/политички амок. А ретко кој ќе признае (и ризикува да го стигматизираат) дека страда од депресија, анксиозност, па и параноја. Сите овие работи ми се вртат во мислите додека на студентите им зборувам за суштината и значењето на темелните вредности на уставниот поредок: еднаквост, социјална држава, солидарност, хуманизам, човекови права. И колку повеќе зборувам, толку повеќе ме гризе совест дека им раскажувам бајки.

За тоа време, на јавната сцена повторно доминираат „Монструми“ и „терористи“ – и само си ги менуваат местата и улогата која треба да ја одиграат во политичката драмолетка. Едните пуштени од затвор, другите спектакуларно однесени во притвор – цели седум месеци по чинот (од 27 април). По спектакуларната прес-конференција на полицискиот и државниот врв со која беше најавена акцијата „Монструм“ (по убиството на момчињата кај Смиљковско езеро), дури и со алузии за терористички ќелии и Авганистан, бев меѓу ретките која се осмели да каже дека во таа рана фаза ни државата, ни медиумите не смеат да демонизираат (името „монструм“ прејудицираше и расчовечуваше), дека принципот на пресумпција на невиност е свет, правда мора да има ама низ правичен процес. Денес е слично, но новинарот со кој разговарав за „Монструм“, во меѓувреме не само што стана висок функционер на СДСМ, туку му благодари на Алах и на својот лидер/премиер за ослободувањето на обвинетите. А поделбата на власта? А непратизираност на судството? Процесот можеби беше обременет, но факт е дека и обвинетите и жртвите беа бескрупулозно (зло)употребени (и) во „бомбашкиот процес“. Денес сме исто толку далеку од фактите и правдата, како и тогаш. Додека се приведуваат, на начин идентичен како и оној во случајот на Кежаровски, јавноста која тогаш врескаше за државен терор и човекови права, сега покажува злорадост (ќе си висите, ќе си лежите и сл.), одобрува притвор и кога за тоа нема недвосмислена правна основа или потреба. Убаво е чувството сега да си имаат нови „монструми“ (терористи) за јавна игранка. Доскоро важеше „Нема правда, нема мир“, а сега мото на денот е „Без правдина – нема Татковина“. Страшно е што ниту едните, ниту другите пет пари не даваат за правото и правдата, ама сѐ ќе сторат за власт, да спасак кожа и да ги застрашат критичарите. Методологијата на владеење со манипулации, судски систем под политички притисок (однатре и однадвор), крвожедна јавност, протестирање пред судови: тоа е константата веќе 26 години. И за бившиот и за сегашниот премиер се водат кривични постапки; еден уште побивш и правосилно осуден премиер воскресна на ТВ и зборува дека „дошол крајот на несакнционирање на криминалот“ (!?). Новинари се закануваат со податоци кои не смеат да ги имаат, а ги добиле под рака „од блиски извори до истрагата“, се радуваат дека некој ќе „пропее“ кога ќе го скршат. Личностите се ротираат, етикетата на „државен непријател бр. 1“ се менува, ама за политичкиот циркус е најважно да има монструми и терористи, да има маченици (на бившиот режим) и жртви (на сегашниот). Додека траат тајните вечери кај Иванов, каде партиски лидери се договараат за амнестија на „нашите“ и „вашите“ терористи, смртта е единствено извесен исход за сите кои го чекаат Годо во вид на правична, организирана и социјална држава.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Nick Cooper via Unsplash