Нова Македонија без наводници

Ќе ми биде забележано дека оваа колумна е премногу лична, но не можам против себе, не можам поинаку. Имено, „Нова Македонија“ е нешто што го сакам и доживувам многу сентиментално. Јас и брат ми пораснавме со платата на графички работник (линотипер) во НИП-от. И нашиот чичко го подигна своето семејство со ист труд. Татко ми ни даде сѐ што тој во своето несреќно детство го немал; со пожртвувана работа, во бројни непроспиени ноќи, во прекувремена работа, со олово кое се таложеше во неговите вени. Иако деца, не заборававме дека нашата благосостојба е резултат на мачната работа на нашиот татко. Сега си спомнувам дека и азбуката ја научив од исечените големи букви од „НОВА МАКЕДОНИЈА“ (тогаш немавме коцки и слични играчки). Во тоа (комуњарско) време, на оние кои работеа со отровни материи им даваа неделно цел пакет тетрапак-млеко, кое татко ни едвај и да го консумираше; скромен каков што беше, му беше доволно леб, сирење и маслинки за да работи цела ноќ и да продолжи во првата смена. Жртвуваше многу повеќе од здравјето: го жртвуваше животот, своите исклучителни капацитети, љубовта за поезијата за која немаше време. Успеваше само на парче хартија или некоја шпалта да ги отчука стиховите кои спонтано би му навреле додека работел на некој текст. Работник, со незавршено основно образование, беше еден од првите ерудити што ги сретнав во животот (тоа го дознав многу подоцна): не само што ги читаше сите прилози и книги кои ги типкаше, туку уште повеќе во слободно време, па растев и со Ниче, Хегел, Достоевски, Лорка, Гете, итн. И без да ми каже, знаев дека очекува многу од мене, без да ми натовари мисија да бидам што тој не успеал да биде. Само ми „всади“ самодоверба, толку важна во формирањето на млада личност; со мене се однесуваше не како со дете, туку како си личност. Од него наследив многу (духовни) нешта, а една од нив беше способноста да ја сакаш својата земја и кога ја критикуваш, и да го сакаш својот народ без да ги мразиш другите. Ако некој ми всадуваше љубов кон Бугарија или Грција, на пример, тоа бил тој („не им се лути што нѐ негираат, така ги учат на училиште, во медиумите; не се тие виновни, виновна е политиката.“) Брат ми стана приправник во „Нова Македонија“, и стаса со финансиски директор (но, татко ми кој почина на 52 години, не го доживеа тоа). Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 1998 год., спроведе чистка од портирите до директорите, па така го деградираа брат ми што одлучи да замине (со дигната глава, без афери). НИП-от беше веќе пред тотален колапс. Десетина години подоцна, со смената на сопственичките односи, станав колумнист во весникот од кој пораснав. Тука, како ретко во кој весник или неделник, а ги искусив многу, уживам целосна слобода на говор. Весников што го држите в раце – ќе речете, субјективно – го сметам за еден од оние кои успеаја да останат професионални. Поважно, тој ја одржа традицијата и споменот на одлуката на Президиумот на АСНОМ за основање на прв весник во 1944 година. Ги преживеа и земјотресот и транзицијата. Со сите слабости и квалитети, тој беше (и остана) симбол на државноста, без оглед дали тоа беше Народна, Социјалистичка или само Република Македонија. Со децении се сметаше за глас на Републиката, ама и на интелектуалната и културната елита. Времињата се менуваа, се промени и „Нова Македонија“, ама опстана. Иако се сомневам во тоа дека колумништвото веќе има смисла, сепак се гордеам што сум дел на „Нова Македонија“. Таа е дел и на личниот живот и на јавниот ангажман, ама никако не е синоним за името на мојата земја и на мојот народ.

Новата влада, без консултација ни со опозицијата, ни со стручната јавност, со сета своја хиперактивност и непромисленост ита да го затвори Македoнското прашање (јазик, црква, име). Она што многу влади претходно, со добра причина не го сторија, овие како прле пред магаре се истрчале и дале свој предлог: Нова Македонија без наводници! Очигледно, државата и идентитетот се третираат полошо од комерцијален бренд, кој барем би имал правна заштита! Името на државата е ставено на барабан, со бедна комерцијална логика: го нудиме името, а вие нам кредити, воени интервенции, политичка поддршка и лажна надеж за граѓаните дека наскоро ќе почне да тече мед и млеко. Зарем е ова чудно за власт која тврди дека со неа почнува Животот? Зошто не би создала и некоја Нова Македонија?! И претходната страдаше од месијански синдром, со спомениците и митовите за потеклото на Македонците од амебите, ама и оваа власт оди во друга крајност небаре има божествена моќ да влегува во трампа со она малку што постои како национално наследство, идентитет и традиции, а што таа не го создала. Грците среќни што од наша влада слушаат дека ја потврдуваме тезата дека сме нови, новцати, измислени – од Тито или од Заев, ним им е сеедно! Пропагандата е на центрифуга. Јавноста е анестезирана, па повеќе се тревожи поради кучиња скитници и на протести бара чист воздух, како гуска во магла, без да го види најголемото национално предавство што ѝ се одвива пред носот (споредливо само со криминалната приватизација во 90-те). Молчат МАНУ, универзитетот, интелектуалците. Медиумите порачуваат дека балканскиот Макрон создал Нова Македонија, која е добредојдена во НАТО, а потоа и ЕУ (лошите Руси и егзотичните Бразилци се само причина повеќе да се побрза). Нелегално избраниот претседател на Собранието мудрува дека располагајќи со неспорен легитимитет, со обична собраниска одлука можело да го сменат името. На хорот, навидум срамежливо, а всушност бесрамно (спасуваат кожа уценети политичари), се придружуваат луѓе над кои висат судски пресуди. Налик на Тарчуловски кога од затвор благословуваше амнестија за воени злосторства, порачуваат: „ова е историска шанса, да бидеме конструктивни и да го затвориме прашањето со името!“. Сѐ почнува ab ovo, што било, можеби криминално, ама поминало и е подготвено за заборав (или мека лустрација)! Не знам што е полошо: домашната штама или странските колеги кои ме прашуваат што има лошо во предлогот!? Нели е поважна демократијата, благосостојбата, интеграциите? Се спасивте од Груевски, сега само небото е лимит! Kолега од Турција вели: мојата земја нека се вика и Апсурдистан, ама да има (социјал) демократија. Ми иде да пукнам од смеа: па Турција е најдобар пример дека членството во НАТО не значи и демократија! Ни Сириза не значи лева партија. На Грците никогаш не им бил проблем (наводниот) иредентизам на оваа џуџеста (банана) држава, туку постоењето на Македонците. Нашите „експерти“ ќе ги прошетаат на „воркшоп“ во странство, па веднаш стануваат големи Европејци. Беневолентно го отфрлаат и му се подбиваат на она за што се бореле генерации и што со меѓународно право е запишано за секоја држава: право на себеименување, самооопределување, национален дигнитет и еднаквост! Дека идентитетот е една од базичните човечки потреби, а не национализам, смеат кажат само оние кои се подготвени да горат на клада или против кои не се води судска постапка. Нова Македонија може да се создаде само врз пепел. Новата Македонија нема да биде мојата Македонија, простете – таа ќе биде туѓа!

Напишано за Нова Македонија