Понижени

Колумната ја пишувам во недела, на Меѓународниот ден на човековите права. Вчера беше Меѓународниот ден на борбата против корупцијата. Ден пред тоа, го славевме Климент Охридски. На прв поглед, само треба да одлучам за која од овие важни теми да напишам збор. Но, ова ни малку не е лесно во земја која како да излегла од серијалот Монти Пајтон: ништо не е како што треба да биде и ништо не е така како што изгледа! Да почнеме од Климент и она што тој го симболизира: писменоста, знаењето, науката… На свечената академија зборува премиер кој едвај се изразува и на мајчиниот јазик (во странство обично зборува некаков негов вид на „есперанто“). Неговите министри и други функционери, пак, нешто порано почнаа некаква твитер-кампања за промоција на електронското издание на Правописот (да, да, токму оној за кој велеа дека е штетна врмровштина, девалвирајќи го трудот на лингвистите и етикетирајќи ги како партиски прислужници). Намерно објавија твитови и ФБ статуси на очигледно погрешен начин за да ја „подигнеле свеста за значењето на правописот и за потребата да се изразуваме правилно“. Можеби намерата им била добра, но тоа делуваше толку понижувачко и бедно, што создаваше повеќе лутина и тага отколку желба да се отвори правописот. Властодршците од висина му октроираат на неписмениот народ правопис, и тоа преку (веројатно добро платена) пи-ар кампања за да го поттикнат неукиот и неписмен народ! И од лично искуство можам да потврдам дека е точно дека грижата за употребата на јазикот во онаа најубава смисла на зборот е во очајна состојба. Доволно е да го слушнете говорот или да ги прочитате изјавите на политичарите, за да сфатите дека дијалектите или „сленговите“ се единственото нешто што го знаат (и, се разбира, го употребуваат за политичка пресметка и говор на омраза). Новинарите и интелектуалците се посебна приказна: штом прочитате (на социјалните мрежи) личен став/текст, кој не ја минал инаку задолжителната лектура, се разголуваат во сето свое незнаење. Можам да посведочам и дека секоја нова генерација студенти полошо го знае правописот од претходната, вклучувајќи ги и докторандите. Слично е, за жал, и со професорите. Станавме немушта нација, земја без библиотеки и книжарници, во која навиката за читање е целосно запоставена со децении. Образованието, препуштено на партиски битки, од многу генерации создаде колатерални жртви. Но, чија е вината за тоа? Имаат ли морално или политичко право да ни октроираат правопис, токму тие кои се виновни за материјалната и духовната беда во која се најдовме како општество? (Патем, овие констатации не се поразлични и ако наместо македонски напишете албански или некој друг правопис/јазик.) Како се учи и негува јазикот? Низ домашното воспитување (мајчин јазик не е случајна синтагма!), и уште повеќе низ образовниот систем од најмали нозе. Правопис не се учи со популаризација преку твитер-кампања, која сака да каже „еве ти, научи, стоко неписмена!“. А за науката и знаењето и Климент, во некоја друга прилика. Сега само ќе кажам дека би се превртувал во гробот да знае какво мајтапење се случува со универзитетското образование и со битката за негов повисок квалитет, на чие чело се луѓе кои никогаш не биле ниту афирмирани надвор од границите на Македонија, ниту пак нешто нивно било цитирано во светската научна литература.

Што да кажеме за Денот на борбата против корупцијата кога премиер, аболициран за едно кривично дело, а сега обвинет за поткуп, упатува пригодна ТВ порака со која ги охрабрува сите да пријавуваат корупција. Да биде уште посмешно, пораката стасува во време кога јавноста ја тресе скандалот со бонусите на членовите на ДИК, и тоа по јавно укажување на американскиот амбасадор!? (На ова веќе се надоврзуваат и индикации дека ДИК не е единственото државно тело кое живее како „бубрег во лој“.) Ниту еден јунак не се најде од вработените во надлежните институции или од новинарите да открие дека „сложните браќа“, назначени од политичките партии, тајно одлучиле дека се толку напатени и заслужни што треба великодушно да се самонаградат за нивната макотрпна работа и саможртва за демократијата! Слично постапуваат и пратениците секогаш кога треба да одлучат за нивните привилегии, плати, надоместоци, патни трошоци… Што е со молкот, или дури и отвореното протежирање, на членовите на владата кои се во отворен судир на интереси по однос на одлуки и зделки кои ги засегаат нивните фирми и профити? Што е ако не политичка корупција кога се „ухлебуваат“ заслужни експерти, активисти и други „револуционери“, без да се води сметка за нивното знаење и искуство, ами првенствено по политички принцип и лојалност? Што е, ако не политичка корупција, прикривањето на коруптивноста и криминалот на коалицискиот партнер? На Заев не му се потребни ни „бомби“, ни укажувачи, за да погледне што му се случува под носот, па и со негов благослов. Дури и најголемите ентузијасти веќе му пишуваат отворени писма и заклучуваат „све је исто, само њега нема“. И по Груевски, Заев!

И конечно, состојбата со човековите права! Како што убаво посочи Венко, како да славиш човекови права во време кога Македонија е како банана-државите, во кои се притвораат уметници за наводно учество во терористички напад врз уставниот предок? А ни ПЕН, ни Хелсиншки комитет, изустија нешто. Главната дебата (ако воопшто и ја има) се води околу колективните права, кои ги потиснаа индивидуалните на маргините. Притоа, молкот е заглушувачки! Професори велат дека нема национална гордост ако не сте во ЕУ и НАТО (!?), и како очекуваат „пацификација на политичката јавност во врска со прифаќање на промена на името“! Пацификација е поубаво име за замолчување, пасивизирање, лоботомија за прифаќање на наметнатото. Сиромаштијата е и натаму најстрашниот облик на (структурно) насилство, и покрај тоа што „дојде животот“. Минималната плата е козметички и пропагандистички трик (доведен во прашање по скандалот со бонусите). Плановите за рудниците на смртта остануваат во сила: профитот е поважен од здравјето! Скандалот со фалсификувани лекарства чека на разрешница. Единствениот напредок, барем декларативно, има во поглед на заштитата на ЛГБТ правата. Не знам како властите ќе го одбележат овој ден, но не очекувам да се стори нешто за повредите на елементарните работнички права; за лицата со посебни потреби и правата на децата (особено оние болни од ретки болести); за дискриминацијата на жените и на старите лица, за правото на информирање, и слободата да го кажеме она што го мислиме и да бидеме заштитени од насилство за искажан збор (мојата претходна колумна послужи за клеветење и одвратен говор, објавени во провладин медиум). Мајка ми ме замоли да напишам нешто позитивно. Но, размислувајќи гласно, резигнирано заклучивме дека освен за снегот кој го прочисти воздухот и за денешниот сончев ден, тешко дека би нашла убава тема за колумна. Далеку е сонцето! И животот. Како што вели еден пријател, по 26 години Апсурдистан, нормално е да сме Нестан.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Bonnie Kittle via Unsplash