Со нови луѓе во Новата година

Штом наближи терминот за колумна, мнозина ме молат да напишам нешто позитивно, нешто различно од она што обично го правам. Тогаш на ум ми паѓа рефренот на старата балада: „напиши една љубовна, нека биде нешто ново, само нека нема солзи, на тоа ги навикнавме луѓето“ (Кемал Монтено). Носејќи го бремето на толку премрежија, изгубени илузии и запустени животи, за кои не им треба анализа, луѓето имаат потреба да видат дека сè и не е така црно и безнадежно. А празници се ближат, градовите и домовите се „шминкаат“ со (старите и напукнати) лампиони и сијалички, почнаа колективните предновогодишни дружења… Како и несреќно вљубениот поет од баладата, така и јас се чудам како да напишам нешто убаво, кога солзите се неизбежни? Впрочем, за оптимизам е задолжен некој, друг – никако објективниот посматрач/истражувач на стварноста. Лично, она што ме прави среќна се децата и младите кои ги среќавам. И оваа година, на предавањата, запознав брилијантни млади луѓе, на кои им блескаат очите од интелигенција и љубопитност; ги наведов, покрај другото, да ја прочитаат „Животинската фарма“ (Орвел) и беа воодушевени (се чини, средношколската лектира избегнува ваква „опасна“ литература). Мојот јунак за оваа година е синот на хигиеничарката на мојот Институт (инаку умна жена, со факултетска диплома, ама чисти за егзистенција): нејзиниот Блаже е математички гениј од основно училиште! Без никаква општествена потпора, освен од неговата наставничка-ентузијаст и родителите, ги собра сите можни домашни и странски награди. Му се радувам како да е мое дете, бидејќи ако не гледам иднина за земјава која одлучила да се самоуништи, барем во талентите гледам личности кои нема да дозволат ова мочуриште да ги проголта.

Но, насмеаниот Заев зборува како да е мотивациски тренер (окружен со пи-ар служба која работела деноноќно, како што кажа). Во последното ТВ интервју изјави (цитирам): „Јас не зборувам многу за разочарувањата, бидејќи верувам дека треба да бидам првиот охрабрувач, и за граѓаните и за стопанството, заради тоа што преку оптимизмот, верувам дека се пушта силна порака или се прави на еден вид позитивен притисок за позитивни доживувања на секојдневието, а позитивни луѓе се способни за работа повеќе, за инвестиции повеќе, за градење пријателства повеќе, или слично.“ Ова не е прва изјава од ваков вид, па дури не е ни првиот политичар со ваков став. Кога се на власт, политичарите се професионални оптимисти, а кога се во опозиција – катастрофичари. Оттука, стварниот контекст е сосема небитен за нивното волунтаристичко толкување на стварноста. За само шест месеци, новата власт тврди дека се случил тотален пресврт, во ист манир како што претходната во период од преку 10 години тврдеше дека Македонија е мало чудо поради нивното „мудро водство“ (сега зборуваат за најцрни сценарија, откако се неколку месеци во опозиција). Оние кои не потпаѓаат под влијанието на пропагандата, или кои, уште подобро, го вреднуваат она што се случува искуствено, знаат дека ниту годинава во заминување донесе, ниту идната носи нешто ново. На власт е СДСМ-ДПМНЕ во коалиција со ДУИ (останатите членови на коалицијата се во флуктуација, и никој не знае колку долго ќе потрае владата). За да ситуацијата се промени видливо и значително ќе треба да минат децении; но имаме ли ние толку време на располагање (и како поединци, кој помлад, кој постар – и како политичка заедница)? И најголемите ентузијасти и апологети на СДСМ (во комбинација со ДУИ и останатите) се во „небрано“, а единствената причина за таквата нелагода се реакциите на она што остана освестената јавност, која не може лесно да се прелаже.

Читам одличен текст на Кица Колбе; тие што живеат далеку од татковината имаат многу подобар поглед од нас, запретани во сопственото самосожалување, резигнација и меланхолија. Поставува таа прашања што и ние (или некои од нас) си ги поставуваме често: до системот ли е, до луѓето ли е? Дали некој може да го скрши маѓепсаниот круг и како? Ако е до системот, можат ли поединци, или помали групи, да го сменат? Ако е до луѓето, до нивниот интегритет, храброст и решителност, ги има ли? И тука некаде заглавуваме во нерешлива енигма и ние овде, и тие таму, како со прашањето за јајцето и кокошката. Ова не е единствен случај да се чуе дека се потребни „нови луѓе за новите времиња“. Дали ново време настанало/ќе настане со смена на власта? Не. А од каде ќе се создадат „новите луѓе“? Кој и како ќе ги створи? И кој ќе биде арбитер за тоа кој заслужува да биде идентификуван како вистински човек за новото време? Всушност, колку што е наивна и очајничка оваа идеја, толку е и застрашувачка – бидејќи асоцира на инженеринг, а не на општествен процес! А процесите на градење нов човек, во духот на новото време, историски донеле масовни страдања. Луѓе (стари или нови) постојат, и тие не се нешто што смее да се третира како баласт за новите власти, за нешто неупотребливо. Новото се гради од старото, од она што реално постои, а проблемот настанува кога системот е сетиран така да ги отфрла како туѓо тело оние кои се неприлагодени/неприлагодливи. Негативната селекција трае, и го кооптира само оној кој сака да биде кооперативен и подобен. Се чини дека оние кои копнеат по „нови луѓе“ и по „новина“, всушност, не изразуваат ништо што досега не е видено под сонцето: тоа е копнеж по нешто што другите одамна го етаблирале како вредност, нормалност и пристојност, но и носталгија по она што сме биле, во некое време кое сепак почивало на некакви стандарди кои се сега само пуста желба. За волја на вистината, и тие кон кои се стремиме (мантрата се врти околу ЕУ) се соочуваат со ужасите на постморалното општество. Да се биде нов/инаков е најголемиот ризик кој човек може да го преземе: тоа бара противење на мејнстримот, на машинеријата, но и бунт против она внатрешно гласче кое кога правиш нешто согласно идеали и вредности те копка: „каква разлика ќе направиш ако се отстапиш од оваа „нормалност“ и викнеш дека „царот е гол“? „Новиот човек“ кој го бараат, во вакви околности, е јунакот од Ремарковиот „Црниот обелиск“, кој бега во ментална болница, кое е оаза на нормалност среде општо лудило. Да се биде морален, одговорен, чесен и храбар е одамна passé. Да се спротивставиш на матриксот („па, ние отсекогаш така работиме“) бара храброст, подготвеност за неуспех, па и за прифаќање на улога на отпадник. Најлесно е да бидеш медиокритет, сончоглед и невидлив – тоа е рецепт за (општествен) успех. Сепак, можно е, иако можеби и не е најмудро, со личен пример да докаже дека промени на подобро се можни, во некои микро-оази, во непосредната околина. Секоја промена почнува со мал чекор. Општествените се одвиваат историски и општествено зададени услови, а не во онакви какви што би посакувале (ново време)… Промените ги носат „стари“ луѓе, кои се храбри да гледаат над просечноста и статус квото. Барем така мислеше стариот добар Маркс.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Chad Madden via Unsplash