Среќна нова метаноја

Стопати се покајав што прифатив да пишувам колумна за ова новогодишно издание. Во најмала рака, се очекува ако и не успеам да напишам нешто исклучително, тогаш барем да понудам класично клише, колумна исполнета со убави желби и надежи, и накитена со ѕвезден прав. Но, во стварноста сѐ укажува на спротивното: во најдобар случај 2018 година ќе биде година на континуитет, година во која ќе продолжат веќе започнатите или интензивираните негативни тенденции и системски деформации, бидејќи ниту постои желба тоа да се смени, ниту пак субјект со таков капацитет. Корупцијата и политичкиот волунтаризам стануваат секојдневен манир на однесување. Владата глуми дека е влада и дека има контрола и/или визија за настаните, кога е повеќе од јасно дека со напуштањето на Сеља, мнозинството во парламентот го чува Амди Бајрам додека спие на собраниските седници. Влада, наводно донесена на власт на бран на револуционерни барања, со особено гласни барања за владеење на правото, не успева да избере ни јавен обвинител на легален и легитимен начин. Повторувањето на гласањето, дури трипати, додека не се обезбеди климаво мнозинство, а со кршење на процедурата, зборува за капацитетот на парламентарното владеење, на чие чело, исто така стои претседател, за кој можете да кажете сѐ освен дека е избран легално и по процедура. Појавата на гласање и прегласување е веќе симптоматична: од она како ДИК прво си изгласа додатоци на плата, па набргу си поднесе оставка, па до одлучувањето на Уставниот суд за корисниците на парното или Врховниот суд за тероризмот. Сите се тие толку независни, што ништо не зависи од нив, туку од оној кој ги движи конците. Тогаш зошто би се чудела дека така се одлучува и на мојот Наставно-научен совет, со употреба на „абракадабра“ методи сѐ додека не се дојде до саканиот исход, при што се брише записник, институционалната меморија за тоа што се случило пред само еден месец? Зарем не е јасно дека во Македонија сѐ е можно, а ништо не може да се смени суштински или на подобро?! Како тргнале, сложните браќа и сестри на сите нивоа, можат слободно да се договорат и да прогласат среќна нова 2050 година! Затоа што им се може! Доволен им е имаат макар и еден глас повеќе (понекогаш минува и без мнозинство), и одредено искривоколчено „правно мислење“ добиено со „аутсорсинг“ (што би рекло, за пари) или со благослов на меѓународната заедница. Кому му е грижа за стварноста, фактите, процедурите? Тие се пречка за креативното владеење и управување на сите нивоа! Доколку нареднава година, како што се најавува, дојде до „решавање“ на проблемот со името, очекувајте помош од „аутсорсинг“ или од пи-ар експертите вдомени во владата со цел да ја пацифицираат јавноста, за да ја убедат дека црното е бело, и дека членството во НАТО ќе донесе здравје, благосостојба, чист воздух и мир. И се разбира, на референдум да ни го префрлат жешкиот костен, односно историската одговорност за која тие не се подготвени да ја земат на своите плеќи. Затоа, сосема е сеедно дали деновиве ќе си честитаме (како да е тоа пак наша заслуга!?) среќна нова 2018, 2038 или 258 година. Сѐ е прашање на конвенција/договор, а не на реални околности. Ова звучи застрашувачко и ни малку пригодно, нели? Тогаш што ни преостанува? Дали сме сосема немоќни, заробени и импотентни да промениме што било во своите животи?

Зад себе оставам уште една календарска година, која можеби како ретко која, од почетокот до крајот, беше исполнета со тврдоглава битка да се исправи уште една мала „крива Дрина“ и тоа на микро, професионално ниво. Небаре животот ми зависи од таа (последна) битка. Од самиот почеток знаев дека е тоа речиси невозможна мисија, но не можев против себе. Веројатно ја следев мислата на Иво Андриќ: сите Дрини на овој свет се криви, никогаш нема да можат сосема да се исправат, ама никогаш не смееме да престанеме да ги исправаме. Но, староста ја одзема моќта на оптимизмот и вербата дека можеме да го промениме светот, или барем сопственото општество: премногу неуспеси, премногу разочарувања и премногу чемер се насобрало, а време – премалку. Почнувам Јунговски да гледам на она што преостанува од животот: треба да се живее најдобро што може, до самиот крај – бидејќи животот се крунисува со смртта, и затоа е важно како ќе чекориш кон неа и што ќе оставиш зад себе. Мојот аџилак се состои од симнување илјадници скалила удоле, сѐ додека не успеам да ја допрам онаа мала земјена прашинка што ме чини мене. Не можеме да смениме ништо додека не ја прифатиме стварноста каква што е; простото осудување и гнев не ослободува, туку угнетува. Разјадува однатре. Пријателка ми вели потребна ни е метаноја. Буквалното значење на зборот е „промена на мислењето“, додека библиското значи преобратување (или покајување). Таа не значи (само) жалење, вина или срам: таа претпоставува одлука да се свртиме кон нова насока, да свртиме нов лист. Да се свртиме кон светлината, кон нештата кои се вредни, носат облагородување и спокој. Иако сум атеист, ми се допадна оваа идеја, како одлука за новата година. Иако метанојата е потребна како општествена катарза и решение да почнеме да се менуваме, сепак ова е првенствено личен чин, тргнување од личната свест и совест – кој на крајот води кон заедницата. Ми се допадна и ова објаснување на метанојата, која ја посакам како новогодишна желба: замислете дека стоите во круг од луѓе. Во центарот на кругот се наоѓа извор на светлина. Но, наместо да сте свртени кон центарот и кон светлината, вие стоите свртени кон надвор. На тој начин, гледате обратно од светлината, и сѐ што можете да видите е вашата сопствена сенка. Не гледате во светлината, гледате во сенката. Не можете да ги видите ни останатите кои се дел на кругот. На тој начин, се исклучувате од другите, останувате сами со темнината. А сега, замислете ја обратната ситуација: свртени сте кон центарот на кругот. Темнината исчезнува, бидејќи пред вас стои извор на светлина. Сенката останува зад вас. Свртени кон внатрешноста на кругот, кон светлината, почнувате да ги гледате и другите луѓе кои стојат покрај и околу вас. Светлината го осветлува секого, и сите се поврзани со нејзиниот сјај. Носењето на одлуката да се завртите во обратна насока, подалеку од сенката, а со желба да се види светлината: тоа е суштината на метанојата. Можеби, затоа, нашата заедничка мисија не е постојано да се преокупираме со играта на сенките, со заводливата длабочина на темниот амбис, туку потрагата по изворот на светлината. Тоа преобратување не е воопшто лесна задача за луѓе навикнати да се самосожалуваат, да ѝ се предаваат на темнината која исчезнала со последната трошка надеж, да не веруваат ни во себе, ни во другите. А Јунг е повторно во право: не можеме да чекаме друг да нѐ спаси од сопствените демони и очај, можеби е потребно конечно да се обидеме со самоизлекување на душата и воспоставување баланс преку менталната криза, преку катарза. Кога станува збор за заедницата, ако нешто останало негибнато и здраво од неа, посакувам (само)уништувачкото поведение да се замени со конструктивно и мотивирано од љубов кон себе и кон другите.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Stephanie McCabe via Unsplash