Молк!

Во 2007 година објавив збирка колумни посветени на домашните настани, а насловот „Есеи за мирот и демократијата: напад врз тишината“ ми се чинеше најсоодветен за она што верував дека беше индивидуален бунт против молкот. Колку сум била само наивна! Она што тогаш било премолчување, однесување во стилот „не гледам зло, не слушам за злото, не говорам за злото“, и самоцензура (особено кај интелектуалците), денес е громогласен молк! Тој е позастрашувачки затоа што доаѓа по период на организирани движења, кои чекореа под две навидум различни пароли; „Нема правда, нема мир!“ и „Заедничка Македонија“. Молчат и едните и другите, како да дале завет на молк. Молчат и странците пред евидентни коруптивни и недемократски појави. Сите си имаат некаква цел: првите да останат на власт или со привилегиите кои ги стекнале, другите да спасат кожа од прогон, а третите си имаат геополитичка слика во која демократијата и не е најважна.

Пред пет години напишав дека сѐ почесто се сеќавам на сцена од „Битката на Неретва“. Паѓаат погодени партизаните, еден по еден, паѓаат погодени, и довикуваат по болничарката од разни страни: „Данооо, овдеее, Дано!“. Не оти може да помогне, ама трча таа среде дожд од куршуми за да си ја исполни мисијата, во некаква верба дека можеби ќе спаси некого или барем ќе му ја олесни смртта со своето присуство. Така, некако се чувствувам и јас, свесна дека ретко кој ја врши својата мисија: трчам од еден проблем/тема до друг/а, од една загубена битка во друга. Од каде ми идеја дека токму јас треба да бидам Дана? Каде се другите, кои се жалат или со чашка или во приватен круг? Се плашат? Чекаат некој друг да ги организира? А нештата се редат како на низа. Човек не е паметен што е поважно/поприоритетно од другото! Во нормална држава сето тоа би било важно, во еден или друг степен (иако некои работи би се нашле во рубриката „верувале или не“). Но, овде човек се премислува по стопати: дали е некој настан/појава навистина толку драматичен или можеби Министерството на Вистината продуцира афери заради дефокусирање од големата слика? Големата слика е „историска година“ за моделирање на аморфната маса, под претекст дека „сега му е мајката“, „историската шанса не смее да се испушти“, инаку „Русите доаѓаат“. Си поигруваат пропагандистите, еден ред страв и заплашување, друг ред – фил сочинет од бајки. Да го парафразирам Ниче, сѐ е предмет на толкување, а толкувањето кое превладува во даден момент е во функција на моќта, а не на вистината.

Листата на настани од само еден ден (11.01) е подолга, што зборува дека новата власт ја натфрли нормата воспоставена од Груевски со фамозното 24/7. Она што, сепак, мора да се издвои е дрската и евидентна политичка ароганција со која се изврши правна агресија врз Уставот од страна на 69 пратеници. Гласајќи за закон, кој не само што го крши уставот, туку и го менува и тоа со злоупотреба на „европско знаменце“, и сето тоа подбивајќи се со процедурата, спроведоа политичко-етнички договор (дел од Тиранската платформа). Бројката „69“ во слободниот говор има своја (еротска) конотација, но никогаш немала поперверзно (политичко) значење, претставувајќи го начинот на кој опстојува оваа власт. Му се насмеаја на Бобио и многу други теоретичари на демократијата, од кои научивме дека демократијата е првенствено процедура! Без почитување на правилата на игра, нема ни демократија. Донесување на овој закон (со кој, замислете, ќе подигнувале јавна свест, небаре се невладина организација) нема врска со Аријатида (вака Заев ја нарекува Аријадна од грчкиот мит за Тезеј, а јадниот тој, толку знае да чита што му напишале), ама има многу врска со Пандора! Ова е пример кој ќе (треба да) се изучува на универзитетите, освен ако тоа не се забрани како и песната на Балашевиќ. Истиот ден за уставен судија е избран човек кој по партиска нарачка го напиша законот (исто како и што ѝ кумуваше на амнестијата за воените злосторства). Уште не влезен во Судот, даде оценка на уставноста од нога и пред камери, ex ante уште пред да биде покрената постапка. Доколку Иванов даде вето, според уставот тој повторно ќе биде изгласан (пак во стилот на „69“), а следната инстанца би била обраќање токму кај судија кој е и автор на законот, а кој е предлог токму на Претседателот! Оди па разбери ја оваа бесмисла!

Во меѓувреме, опозицијата го бојкотира парламентот (од погрешни причини) и се занимава сама со себе, со внатрешната консолидација, но без трошка порив за внатрешна демократизација или soulsearching; таа „не е од тука“. Првите настапи на Мицковски укажуваат дека тој е можеби релативно нов, но лидер никако не е. Ниту капацитет покажа, ниту харизма поседува, ниту кажува нешто паметно (освен што папагалски со исти флоскули ги фали членовите на новото раководство, меѓу кои има бугарски државјани, лица инкриминирани во бомбите, инволвирани во бившата политика на партијата, итн.). Патем, во составот на новиот извршен комитет на партијата има само 15% жени. Она што се случува во државата го коментираат преку бледи соопштенија полни со бедни флоскули. Фактот што пратеничкиот состав фактички (може) да делува како независно тело (партиското раководство не може да ги смени додека им трае мандатот), а за лидер имаат човек кој во собрание може да припари само на галеријата како посматрач, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ е во одумирање, што за власта и нејзините надворешни ментори, е одлична вест! Не можеа да посакаат подобар лидер на опозиција: ем блед и без никаков лидерски капацитет, ем патетично балансира помеѓу лојалноста кон Груевски и кон меѓународната заедница. Колку јавноста побргу го сфати ова, толку поефикасно ќе почне да бара нови политички алтернативи. Овде и власта и опозицијата се КАПУТ! Затоа, механизми за отчет, одговорност и/или евентуален пресврт треба да се бараат на друго место. Но, каде ако сите молчат? Кој од страв, кој од индиферентност, кој од што сака да избегне етикетирање или сака да биде по Европеец од Европејците… Најсрамната работа за која молчи правната фела и борците за човекови права е злоупотребата на притворот како политичко средство на застрашување и спречување на секој отпор! Во која демократска држава, во затворски притвор, меѓу другите, се оперски пејач и светски уметник, актер, ФБ активист и режисер на сатирична серија, под претекст дека се терористи? Меѓу нив, е и моја бивша постдипломка, мајка на две мали дечиња. (Притоа, Груевски и компанија се на слобода!) Во случајов, никој не го ни поставува прашањето за основот на мерката! После Верушевски, сега е ослободен и Шиповиќ. Интересно, зар не? Премиерот, аболициран за стар случај и сега обвинет за поткуп во предмет кој се одложува до бесвест, е на чело на најновото тело за реформи во правосудството! Иронијата е во тоа што тој веројатно многу подобро се разбира во правосудниот систем, одошто во дипломатија или внатрешна политика. Ако зад димната завеса стои проблемот со името и внатрешна редефиниција на поредокот, тогаш Монтипајтоновска Македонија е одлично решение. Или евентуално, Мазохистичка Република Македонија. Можеме да избираме на референдум!

Напишано за Нова Македонија
Фото: Alex Jones via Unsplash