Патриотизмот и лебот

Не знам дали децата (преокупирани со цртани филмови, ајподи и ајфони) сѐ уште читаат бајки. Тие ја будат фантазијата, учат за доброто и злото, но се и нежна подготовка за животните предизвици, коишто нема да се како седмоглави чудовишта, ама ќе бидат подеднакво опасни. Но, денес и постарите ги имаат заборавено поуките кои ги добивале од браќата Грим, Андерсен, или од нашите преданија. на пример, „Царевата нова облека“ и приказната за царот Тројан раскажуваат за тоа како луѓето (различно) се соочуваат со фактите, дали имаат храброст да ја кажат вистината и по која цена. Во првата бајка, очигледниот факт пред кој возрасните молчат, го кажува гласно – дете! Во втората, младиот берберин се борел со тајната (од чие криење му зависел животот) дека царот Тројан имал козји уши; додека молчел, за разлика од претходниците кои кажувале што виделе, бил богато наградуван. Но, молкот има своја цена и тежина, па на крајот не можејќи веќе да издржи, ископал дупка и таму ја изговорил вистината. Поуката е дека вистината ќе си го најде патот, фактите можат да се прикриваат, ама не засекогаш. Во Посланието по Лука пишува „нема ништо тајно што нема да стане јавно, ништо скриено што нема да се дознае и на виделина да излезе“.

Мудроста која доаѓа со стареењето се плаќа со оддалечување од невината, чиста и наивна детска душа. Наместо да кажуваат кој цар е гол, или поточно, дека царот и не е цар, или е глупав и/или неморален, возрасните веруваат дека „молчењето е злато“. Сите сме добивале казна кога низ (легендарната) детска уста сме ја кажувале незашеќерената вистина за нештата/луѓето, или од родителите или наставниците. Се сеќавам како на еден школски час упорно ѝ кажував на наставничката направи грешка, а таа наместо да признае или да ме пофали, ме замолчи. Разочарана, побрзав да му кажам на татко ми (кој ме учеше да ја зборувам вистината). Тој – веќе богат со горчливи искуства од кажување на вистината кога сите молчеле – ме советуваше следниот пат, во слична ситуација, на наставничката насамо да ѝ укажам, бидејќи јавната критика ја става во непријатна ситуација, ѝ го нарушува авторитетот пред децата. Се обидов да го следам советот: да укажам дискретно и со верба дека ќе дојде до корекција, ако грешката е ненамерна. Но, на моја возраст човек сфаќа дека ова успева многу ретко, и само кај поединци кои се чесни, не се суетни и се доблесни да ја признаат грешката; најретки се оние кои укажувањата нема да ги сметаат за атак. Да не бидам погрешно разбрана: не сум јас ниту безгрешна, ниту пак сум некаков Петрониј Арбитер, иако знаците на неронизам се тука. (Повеќе си наликувам на дворски шут, кој изнаоѓа креативни начини да не молчи за козјите уши, празните глави или за лепливите прсти). На крајот на патот, и очекувањата се поскромни: барате само минимум пристојност, почитување на нормите и правилата таму каде што живеете и работите. И она што ве разочарува е помирувањето со состојбите или дури и дрската (сталинистичка) ревизија на состојбите.

Цивилизираноста и културата од луѓето прават фини лицемери, кои грдите нешта ги туркаат под тепих или наоѓаат оправданија за својот молк. Ова е особено карактеристично за некои (елитни?) кругови, кои се столбови на системот на организирана хипокризија. Така, наместо ѕвезди водилки да бидат Вистината, Честа и Доблеста, нештата се поставуваат наопаку, па „белата“ (некогаш сивата или дури и црната) Лага станува попожелна од грубата вистина (поточно, фактичка стварност). Ова е чудно за општество кое за себе тврди дека минало низ катарза, меѓу другото, оличена и во проектот „Вистината за Македонија“. Тоа, да потсетам, беше фаза на воздигнување (па и рехабилитација од старите петна) на компромитирани укажувачи/„свиркачи“, кои овозможија протекување на „бомбите“ и смена на режимот. Во фаза на постреволуционерна „нормализација“, луѓето (о)стануваат чувствителни за непријатните вистини – за тоа колку малку или ни малку се променети системските основи, начинот на владеење, па дури и состојбата во институциите од кои тргна протестот во 2014 година. Неодамна ми „пукна филмот“, па во подолго интервју проговорив без ракавици за состојбите на универзитетот. Тоа беше резултат на долго молчење, гризење за јазик, борење by the book против некои неетички, неакадемски и незаконски дејанија, укажувања кај надлежните по институционалните канали – за на крајот да сфатиш дека сето по принцип на абракадабра ќе сторат сѐ за нештата да не се сменат суштински. Во нашата балканска паланка дозволено е и се толерира буквално сѐ, под услов да остане меѓу „домашните“. Или ако е само на ниво на озборување, но без да се обзнани јавно… Јавноста/гласноста се доживува како ерес, невоспитаност, безобразие и непочитување на институцијата во којашто си го вадиш лебот! Оттука беше извлечена и една чудна „равенка“ според која не можеш да биде патриот, ако не си го сакаш местото/работата кај што го вадиш лебот. А заклучокот беше дека тоа е исто како да говориш за себе дека си човекољубец, ама да не си го сакаш семејството. Right or wrong, my country – е неприфатлива патриотска матрица, исто како што е неприфатлива онаа патријархалната која налага љубов кон семејството/родителот, по секоја цена, без оглед какви се навистина. Патриотизмот е појава која мислечкото битие го претвора во лојална машина, одамна напиша Ема Голдман. Слично е и со лојалноста кон институцијата во која работиш, само што во првото се нарекува љубов за татковината, а во второто – за работното место/позицијата (или егзистенцијата). Татковината (или работата) не се сака со мижење и молчење пред грдата стварност. Погрешното е погрешно, без оглед кој го чини или говори. Непотизам е непотизам, корупција е корупција – насекаде! Ќе чуете: па, замини си ако не ти чини земјата или работното место! Само немој јавно да го уриваш угледот на институцијата/институциите. Да се разбереме, сакањето/љубовта е сериозна и интимна работа. Природно е да сакаш човек, ама не и држава или институција. Државјанството го стекнуваш со раѓање, а работата со квалификации. Не е тоа ничија милост за која треба да бидеш благодарен и граѓанин покорен. Патриотизам не е удирање в гради, наметнување со знаме или пеење (пијани) песни. Татковината (сфатена како политичка заедницата), но и работното место, се гради чест, критички ум, а не со некадарност и лицемерие; патриотите сакаат со постигнувања, а не со мижење пред неспособноста, моралната или другата корупција. Нема патриотизам каде што се гледа со едно (политичко/етничко) око кон криминалот и беззаконието. Толерирањето на непотизмот, медиокритетството, мирот во куќата и амбициите за високи позиции по секоја цена, или градење лажен имиџ за се извади лебот не се одлики на мојата татковина. А главна задача на интелектуалецот е да биде предавник, да биде гласноговорник, кога другите молчат поради угледот на земјата/институцијата, или за да го сочуваат лебот/позицијата.

Напишано за Нова Македонија
Илустрација: Вистината и лагата (Paiwei Wei/Getty Images)