Капитулација!

Вовед во капитулацијата запечатена со т.н. национален консензус на претставниците на три партии и еден немушт претседател на Република беше Давос. Додека очите на македонската и грчката јавност беа свртени кон изјавите на двајцата насмеани премиери, ретко кој ја виде големата слика. Мотото под кое се одржа самитот на најмоќните во светот беше „Отпорна динамика“ – динамика на турбо-капитализмот, маркетизација на сѐ што преостана надвор од досегот на пазарот, одржување на нееднаквоста и раст на мултинационалните корпорации. Со други зборови, мотото значеше „Нееднаквост“, како што добро забележува брилијантниот аналитичар Пепе Ескобар. И навистина, кога на маргините на една таква манифестација ќе ги погледнете насмеаните лица на Заев и Ципрас, премиери на две слаби и банкротирани балкански држави, за кои економијата е мислена именка, а нееднаквоста е суштината на односите на моќ и внатре во земјите и во нивните меѓународни односи, сликата е патетична. Како да сме заробени во сопствената историска замка, како ништо да не се сменило за последните сто години, а светот забрзано оди кон целосен колапс. Богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни, нашиве како паднати од Марс, расправаат за името и идентитетот на еден народ во замена за членство во воена алијанса, која наводно носи благосостојба. Настрана тоа што се замислуваат дека се левичари… Присилени од САД, НАТО и моќниците кои печалат на војни и експлоатација, седнаа да се надмудруваат и замислуваат дека некој за нешто ги прашува! Повикани во швајцарскиот храм на богатите, како просјаци и марионети, единствено што разбраа и сторија беше да си ја докажат сервилноста кон господарите на универзумот, а да си покажуваат мускули и итроштини само во меѓусебниот дуел околу една типично балканска глупост. Ципрас, лидер на земја членка на најмоќната воена Алијанса во историјата на човештвото, вели дека стравува од македонскиот иредентизам, бара промена erga omnes (во внатрешна и севкупна надворешна употреба) и брои колку пати зборот на М се спомнува во нашиот Устав. Нашиов, пак, како добар верник, кај што се преплаши и да го изговори името на земјата на чиј Устав дал заклетва, го заврти и другиот образ, па понуди ново име на аеродром и на автопат. Да биде иронијата поголема, автопатот „Пријателство“ фактички запира на грчката граница (се разбира, откако Заев ќе се пофали и со последната делница направена во време на Груевски). Гледано историски, тоа е патот по кој бегалците од Граѓанската војна во Грција, нејаките старци, мајки и деца, бараа спас и засолниште – а кои сѐ уште не добиле никаква репарација или извинување за страдањата. Заев дозволи „неговата држава“ да биде обвинета за иредентизам, без и да се обиде да ги извади од ракав двата адута: извештајот на Бадинтеровата комисија која заклучи дека името Република Македонија не имплицира никакви територијални претензии, и пресудата на Меѓународниот суд на правдата која оцени дека македонската страна не извршила никакви акти кои би можеле да се толкуваат како иредентистички.

Кога се распаѓаше Југославија, Балашевиќ пееше за Балканот на крајот на еден век, за секое племе кое црта граница и бара своја историска страница… На крајот на втората декада на новиот век, едно од племињата е на чекор од доброволно кинење на страницата на својата историја за да стане дел на (непостоечко) европско или евроатлантско семејство, она семејство кое го третира како копиле на кое не му се знае презимето! Ако ми каже некој дека е ова македонски национализам, ќе му се насмеам в лице! Саботната консултативна средба на македонскиот „државен врв“ се одржа во Домот на пратениците. Каква иронија е тоа, ако се знае дека единствен пратеник во редот на насобраните „витези“ на четвртестата маса беше Ахмети. По завршувањето на средбата само тој ја кажа вистината: „Ова е почетокот на крајот на еден процес за Македонија”. Почеток на крајот – ова веќе не се ни пророчки зборови, туку брутална вистина! Заев, седнат со својот министер за надворешни работи и министерка за одбрана, е оптимист. Мицковски, и неговите две „пратиљи“ кои не се дури ни членови на пратеничката група на ДПМНЕ, си ги измија рацете, заколнувајќи се на верност кон НАТО и препуштајќи ја работата во рацете на Владата. Ваква опозиција можеш само да сонуваш! Иванов како Иванов „није одавде“, излезе за миг од својата резиденција, за да се врати назад да вегетира до крајот на мандатот идната година.

Начинот на кој групата квислинзи ја соопшти капитулацијата е веќе друга приказна. Заев кажа дека е неопходна вклученост на сите, мислејќи на вклученост на (дел од) партиските вождови, но не и на пошироката јавност! Зборуваат за национален консензус, а ги кријат деталите. Предлогот на Нимиц е најлошиот и најнавредливиот откако е медијатор. „Оптимистиве“ очигледно не мислат така: однапред најавија дека немаме црвени линии, туку се надеваме дека ќе се спасиме со врвката на Аријатидата (Ариадна) и ќе го убиеме Минотаурот (чие име, интересно, почнува на М)! Да беа вистински државници ќе заклучеа дека предлогот на Нимиц за државно име на македонски јазик напишано на латиница, кое е бесмислено во меѓународната комуникација, не може ни да се разговара, а камо ли преговара! Нашиве „мажи“ на кои им недостасува битен елемент на „машкоста“ немаат храброст да посегнат по единствениот механизам: обраќање до Генералното собрание на ООН! Наместо тоа, историската одговорност ќе се обидат да ни ја префрлат нам, на референдум. Некои наивно мислат дека тој е сламка за спас, бидејќи наводно народот ќе биде прашан. Но, да се разбереме, уставно-правно НИКОЈ, па ни Собранието, нема овластување да одлучува за промена на идентитетот. Неформалната група „државници“, составена арбитрарно, не претставува никого, освен во рамките на актуелните позиции. Референдумот е (политичко) ветување на некои партии, но уставна и законска основа за негово распишување не постои! На референдум се одлучува за прашања од надлежност на Собранието, а тоа нема надлежност да одлучува за промена на името. Впрочем, има ли држава која предвидела дека името/идентитетот е предмет на промена во Собрание или надвор од него?

Навираат приказните од детството на нашите родители кои биле прекрстувани во турско, српско, бугарско, тепани на училиште за да кажуваат дека не се Македонци, туку Срби или Бугари; морале наизуст да рецитираат песни на оние кои им го менувале личниот опис… Расте горчина при споменувањето на сите оние кои дале лична жртва за независна република Македонија, кои гниеле во грчки, бугарски или српски зандани, умирале со Македонија на устите… Денес имаме капитулантска, марионетска власт и опозиција. Народот е САМ! Оставени сме си сами на себе и сега од нас и нашето однесување зависи дали ќе дозволиме, овој пат, КОЛЕКТИВНО да нѐ преименуваат. Наместо Трет или Четврт Илинден, политичарите се сложија да ги избришат сите Илиндени во нашата историја! Поголемо колективно предавство не доживеале ни нашите предци, иако предавството велат ни е составен дел од историјата. СРАМ!

Напишано за Нова Македонија
Фото: Влада на РМ виа Flickr