Што се крие зад „името“?

Навистина, чудно е одново да се постави ова (банално и бизарно) прашање. Зарем досега не сфативме за што се работи? Но, она што одново го наметнува е наводната ургентност создадена вештачки, која го поставува во хамлетовска смисла „да се биде или не, ќе нѐ биде или не?“. Ова во теоријата на безбедносните студии се нарекува секуритизација: тоа е процес во кој едно прашање се извлекува од политичката/јавната сфера (во која вообичаено се артикулираат проблемите и се решаваат институционално, низ мерките на т.н. нормална политика), и намерно се сместува во сферата на безбедноста. На тој начин, тоа добива драматичност, се налага не само ургентност (бидејќи, како што се вели имплицитно или експлицитно – станува збор за нашиот опстанок, или опстанокот на вредностите кои ни се есенцијално значајни), туку се легитимираат вонредни мерки кои ја надминуваат „нормалната политика“ (како на пример нетранспаретност, неотчетност, кршење на уставните норми и сл.). Агентите на секуритизацијата се бројни: од политичките елити, до медиумите, интелектуалци, НВО, меѓународните фактори и сл. Тие комуницираат со јавноста со цел да поттикнат свест за значењето на некое прашање кое е од егзистенцијална, судбинска природа, а во функција на обезбедување легитимитет за сопственото дејствување преку вонредни и неправни мерки. Токму тоа се случува сега, и се навестува дека ќе кулминира до крајот на март 2018. Не зборувам за „секуритизација“ на името/идентитетот, туку на членството во НАТО по секоја цена и под силен притисок и страв. Кој стои зад овој процес и зошто сега? Само наивните веруваат дека ова е „историскиот миг“ кој елитите од двете земји го согледале; дека „НАТО е прашање на опстанок на државата“, и дека ако сега не се затвори прашањето, последиците ќе бидат катастрофални. Се разбира, постои и друга страна на „паричката“, кај која опстанокот и загрозата се врзуваат со „губење на името“, а да биде уште поинтересно и Македонија и Грција се како Алиса во земјата зад огледалото: од двете страни се извикува „Македонија!“

Т.н. проблем со името, да не заборавиме, за првпат беше експлицитно дефиниран уште во 1992 година како безбедносен со Резолуцијата 817 на Советот за безбедност, кога ни беше наметната референца БЈРМ како услов за прием во ООН. Парадоксот беше/е очигледен: единствената бивша југословенска република која без испукан куршум и без капка крв стекна независност, беше дефинирана како потенцијална регионална бомба, која може да го загрози мирот во регион во кој течеше крв до колена, дури и по цена на кршење на Повелбата на ООН. Наметнувањето на референцата под силен притисок на Грција, односно Европската заедница и САД (кои веќе ја имаа „оплескано“ работата од Триглав до БиХ и Косово) не беше никаква превентивна мерка, туку обратното: вирус на прерано гниење во темелите на кревката македонска држава. Како што осцилираа состојбите, така прашањето биваше час туркано на маргините, час подгревано како суштествено и итно. Оние кои го „благословија“ овој апсурден проблем, кршејќи го меѓународното право, во одредени ситуации играа на картата на божемно признавање под уставно име, како што на пример, САД го стори тоа за да го минира референдумот од 2004, односно за да поминат општинските граници нацртани по принцип на етнички геримендеринг. Како одговор, Грците, задолжени до гуша, побрзаа да купат најнови воени бомбардери за да си ја зајакнат позицијата кај Империјата. Исто, кога ЕУ сакаше да нѐ „охрабри“ да потклекнеме, ќе кажеше дека името е европско безбедносно прашање! Оттука не треба да чудат грчките тези за иредентизам: тие се барем автентични националисти. Како да беше малку онаа хистерија од Солун, па видовме уште поголема сред Атина. Излегува дека членка на НАТО е преплашена од иредентизмот (територијалните претензии) на малиот сосед, кој ниту има сојузници, ниту војска. Тогаш, каква безбедност гарантира НАТО, ако една мала Македонија им втерала страв во коски и предизвикува ваква национална бура? (Или сторените злосторства во освојувањата и асимилацијата од пред 100 години не им даваат мир?) Како може тогаш НАТО да биде гарант за Македонија, ако не може да им пружи макар субјективна безбедност на Грците? Нимиц се повикува на резолуција стара преку две децении, како ништо да не се сменило на безбедносен план од 1993-та? Дури и мирна Босна постои, ама немирот бил во Македонија. Времето тука застанало, не знам дали од Балканските војни, Граѓанската војна во Грција, или од 1991 година – но, тоа некому му одговара.

Во фундаментот на проблемот со името лежат наталожени историски трауми, отсуство на соочување со минатото и помирување, двојните стандарди за (не)почитување на малцински права, политизација на стравот, дефокусирање од банкротираната држава и корумпираната власт, итн. Зад проблемот стојат големите сили кои на балканските народи и натаму гледаат како на парички за поткусурување, исто како во почетокот на 20 век. САД притискаат да влеземе во НАТО и по цена на внатрешен конфликт, а Русија (од свои причини) се обидува да го спречи тоа преку одредени грчки кругови, па оттука и смешни предлози за „компромис“ и за свадба во која момата Македонија ќе си го сменела презимето прифаќајќи го она на мажот. Можеби грчката елита мисли дека има контрола над Македонија, а всушност е само измеќар на туѓи интереси. Македонија наликува на Србија од 1914 соочена со австроунгарскиот ултиматум: клета ако го прифати, клета ако не го прифати. Иронијата е што двата народа имаат заеднички грижи и непријатели, а решението не е ни во Вашингтон ни во Москва. Неолиберализмот и Втората студена војна дефинираат линии на фронтот, а двете држави се бедни должници на моќните банкари и со улога на воена краина. И додека, оправдано или не, секој вика „Македонија е наша“, партијата покер не ја водат ни Ципрас, ни Заев. Колатералната штета од овој бесмислен проблем е иднината на двете земји, кои со секој чекор кон „компромис“ се туркаат кон амбис од кој ќе излезат само клерофашизмот, шовинизмот и омразата – никако европска или евроатланска иднина. Ако до неодамна протестите на „Синтагма“ (што значи устав!) будеа восхит поради борбата за социјална правда и демократска Европа, вчера плоштадот беше поле на кое победи неолиберализмот и национализмот, а не интернационализмот. Старата африканска поговорка вели дека без оглед дали слоновите водат љубов или се борат, страда тревата; овде (ќе) страдаат граѓаните кои се сѐ посиромашни и позадолжени заради инвестирање во воена демократија, страда добрососедството и економскиот развој. Затоа: стоп за преговорите! Она што ни е потребно е замрзнување на „проблемот“, кој суштински и не постои освен во контекст на НАТО и кога големите сили инсистираат на „решавање“ за нивни геополитички интереси и профити. Потребна е десекуритизација, името е име, а не безбедносна закана. Оваа може да се стори само прекинување на преговорите и со обраќање до Генералното собрание на ООН! НАТО и ЕУ се дел од проблемот (со името), а не дел од решението.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Роберт Атанасовски/AFP/Getty Images