Задушување

На социјалните мрежи се шират снимки со ТВ интервјуа и дебати од пред десетина години, поврзани со „најновиот сет на идеи на Нимиц“, проблемот со името и како (треба да) постапуваат властите, дали се преговара за идентитетот или само за името на државата, дали за влез во НАТО вреди повеќе од уставот и идентитетот, и сл. Гледано од временска дистанца, парадоксално, ама како времето да застанало, барем кога станува збор за овие прашања. Но, од една иницијатива на Нимиц до друга, во внатрешната политика нештата одеа само удолу, а проблемот со името стануваше изговор за сите други политички будалаштини и корупциски зделки. Во поглед на надворешно-политичкото позиционирање е јасно дека Македонија како држава никогаш не созреала, ниту нејзините политичари знаат што е национален консензус. И тогаш, а и сега, евидентно е што, додека грчкото МНР на официјална веб-страница тврди дека македонската нација ја измислил Тито, нашиве немаат ни стратегија ни консензуална позиција, односно дека се плашат што од граѓаните, што од странците, воопшто и да артикулираат нешто слично. Колку треба да си неинформиран и збунет, па преку говорот на телото на Димитров да судиш дали знаат да си ја вршат работата за која се платени? Грците не можат да бидат поексплицитни, но нашиве молчат „во име на успешноста на процесот“! И така едно дваесет години…

Она што во моментов загрижува најмногу се медиумите заедно со злоупотребата на нарачани испитувања на јавното мислење кои повеќе служат за негово моделирање, а не мерење). За разлика од старите прилично суштински дебати кои се воделе помеѓу неистомисленици, познавачи, експерти, професори итн., денес дебата воопшто и не постои. Некој ќе ми забележи дека (благодарение на странски спонзорства!) не само што секојдневно оди дебатна емисија (од 18:30 до полноќ), туку некои телевизии дури даваат и дупла доза секоја вечер. Како е можно тогаш да нема дебата? Можно е, од следниве причини: доколку и успеат во студиото да донесат неистомисленици, новинарите тоа го прават со очигледна намера да создадат драма, а не размена на аргументи. Ако гостите се скараат, или уште подобро – станат и агресивни, дотолку емисијата е погледана и „поуспешна“. Ако го натераш гостинот да си замине од снимањето, тоа предизвикува егзалтација и новинарот прави колекција на „скалпови“ од јавни личности. Постојат и новинари кои се гадат од сопствениот народ и неговиот национализам затоа што тоа е профитабилно кај странските донатори), па за грчки медиум ќе напишат колумна (во предвечерјето на оној собир) во која ќе се извинуваат за иредентизмот на Македонците и ќе им објаснуваат дека тие биле на „халуциногени националистички дроги“; со други зборови го парафразираат Езоп, ама овде јагнето е виновно што ја мати водата на волкот. Во „слободно“ време, на социјалните медиуми шират говор на омраза, нетрпеливост и клевети за оние малкумина кои останаа гласни и кои сметаат дека волкот е волк, без оглед дали живее на оваа или онаа страна на границата. За овие Европејци (тоа се само затоа што работат со европски фондови, а не затоа што имаат европски професионализам или квалитет) секој оној кој смета дека предлозите на Нимиц и Коѕијас се непристојни и неприфатливи е еднаков со членовите на „Златна зора“. Оние кои само до вчера кукаа дека на иста маса седнувале „нацистите“ и „Евреите“, сега прават равенство меѓу фашисти од кои се срамат сите пристојни Грци и македонските интелектуалци, кои дури и не протестираат, туку само изразуваат став. Има и медиуми кои организираат привидни и монотони дебати со (добро познати) истомисленици, кои се разликуваат само по бојата на очите и етничкото потекло. И тогаш, машината за перење мозоци се пушта на центрифуга. Генералната слика е дека постои патувачки циркус од луѓе кои само ги менуваат студијата, и верглаат едно исто, како на пазар, додека новинарите само трепкаат со очите и климаат со главите. Врв на невкус беше гостин кој под дејство на алкохол тресеше не само „зелени“, туку и навреди со барање психијатриски уверенија од другите гости. Беше отстранет во „пауза за реклами“, но тресењето зелени во студиото не престана, па човек не знае дали е подобро да си пијан или глуп. Во она што преостана од печатените медиуми, а особено во порталите, всушност, информации нема ниту за лек, истражувачкото новинарство е мислена именка. И токму во ваков момент, во ситуација кога грчките власти и медиуми најотворено, па и брутално ги кажуваат/цртаат барањата, премиерот свикува средба на триесетина „најугледни уредници“ за да им даде инструкции како „внимателно“ да го третираат прашањето со името. Некои се најдоа навредени (со право), („друже Заев, ние сме шокирани, ова е јебитачно и интергалактички штетно“) поради тоа што биле на иста маса со квазиновинарски шлајм; покана немало за респектабилни медиуми (како овој за кој пишувам, на пример). Но, она што ниту овој новинар, ниту некој друг го забележува дека ваквиот чин (не пред камери, туку во затворен круг) е не само навреда за новинарската професија, туку првенствено за јавноста. Што е ова ако не политичко диригирање и наметнување (само)цензура? На ова се надоврзува логорејата на вицепремиерот Османи, кој секој вечер порачува дека ова не е време за дебата, туку дека сета енергијата треба да ја насочиме кон постигнување решение за спорот (како? со магии? со гатање?), а потоа во рок од 20 дена ќе сме одлучиле дали е добро или лошо, дали ќе оди на референдум или не – заедно со тврдењето на Груби дека работата е веќе завршена. Тогаш, ситуацијата е навистина јебитачна (простете, ама цитирам новинарски бард). Целата јавност се држи во темнина и незнаење од страна на неморални, недоветни, кукавици и незнајковци кои мислат дека божја волја е токму тие да го решат прашањето кое никој пред нив не успеал. Свесни ли се дека станува збор за прашање кое ќе има драматични реперкусии за мирот и безбедноста на државата, и ако се „реши“ и ако не се реши? Тврдењата дека за конкретниот предлог ќе се одлучувало демократски ама во кус рок (на референдум и/или во собраниска процедура, како што конспиративно го донесоа и договорот со Бугарија), и post festum, е став на автократи, кои граѓаните ги третираат како стока, која на нивен знак ќе фрла „петка-глава“ за да одлучи за работи за кои НИКОЈ во уставно-правна смисла нема надлежност, а за кои и тие самите немаат храброст. Затоа им се потребни медиумите, да ја „изораат нивата“. И не само по ова прашање, оваа нова влада постапува исто, ако не и полошо од претходната кога станува збор за стручната јавност, особено по прашања врзани за уставноста, човековите права и демократијата. Медиумите ги користи како механизми за (старо-нова) пропаганда, а најлошите ги толерира како песови кои ќе треба да им заржат на непослушните. Кербери ја чуваат медиумската клоака, како да е национално благо; новинарството е исклучок, како што се школките со бисери – треба да се копа длабоко за да се стаса до нив, под услов да не се удавиш од сета наталожена нечистотија. Соучесници во гушењето на слободата на мислата и говорот, но и на научните позиции, се и квазипрофесорите кои вчера се стекнаа со инстант докторати, а зад себе немаат никаков научен опус, ама добро (кетмански) ја вршат улогата на давање „научен“ легитимитет на нетранспаретноста и неотчетноста на власта. Меѓу нив се и „пишувачи на устав и рамковен договор“, кои без срам и перде, зборуваат небулози за кои и студент на прва година на право ќе им се смее. Според нив нема потреба од дебата, бидејќи, на пример, за законот за јазиците се дебатирало „цели 27 години“! Шекеринска не ја засегаат мислењата на уставните правници, бидејќи тие имале каде да си кажат што мислат (!?), а можеле и подоцна да се обратат до Уставниот суд. И врв на иронија е кога политичкиот, медиумскиот и интелектуалниот естаблишментот минатонеделните протести во Атина ги смета за израз на грчки патриотизам и демократско средство за изразување став, а ја замолчува својата јавност. Народот уште мрмори, негодува, се огласува на социјалните мрежи (бидејќи друг медиум нема), но кога ќе замолчи, тогаш ќе биде предоцна и за решенија и за демократија.

Напишано за Нова Македонија
Фото: Denisse Leon via Unsplash