Помеѓу сеќавањата и заборавот

Еден од најдобрите индикатори за моралното дно кое го допира македонското општество (а ги има многу) е појавувањето на Шешељ како гостин во гледана ТВ емисија. Да барате потврда за вашите тези од злосторник, кој сè уште се повикува на четништвото (а кој, патем, ни се закануваше во 90-те), и притоа да спинувате така за да ги прикажете Наташа Кандиќ и РЕКОМ како лошите во приказната, мора да сте или злонамерен или очајник. Како и да е, сцената во која Шешељ ја брани Македонија предизвикува гадење. Како некој кој со години јавно ја застапуваше Иницијативата за РЕКОМ, ќе кажам некој збор на оваа тема, но и ќе ја поврзам со спорот со името. За жал, јавноста едвај и да знае ништо за РЕКОМ, па затоа е речиси подготвена да ја проголта јадицата за нешто што е озлогласено како „соросоидно“, „шарено“, конспиративно. РЕКОМ е/треба да биде механизам на помирување во регион во кој изминатиот четврт век се случија ужасни злосторства. Идејата е едноставна: налик на многу комисии за вистината и помирувањето, РЕКОМ има за цел да направи попис на жртвите – загинатите, исчезнатите и заробениците, како и на местата на заточеништво – за да останат запомнети, да се избегнат игри на бројки со човечки страдања (како Јасеновац), да се амортизира потпалувачка реторика, како и да се посрами политиката на етничка нетрпеливост и реваншизам. Регионалната комисија за утврдување на фактите за жртвите и злосторствата од 1991-2001 година треба да биде меѓудржавно тело, што значи инволвираните држави заедно ќе ја легитимираат нејзината работа и резултатите. Ова е битка против заборавот, против толкувачи од типот на Шешељ, кои за жал се на чекор од тоа да станат национални икони, а кои во име на исправање историски неправди, повикуваат на „второ“ или „трето полувреме“, дури и од претсмртна постела. Ова е битка не со произволни статистики за „нашите“ и „нивните“, за „добрите“ и „лошите“, туку со факти и сведоштва на жртвите и нивните семејства. Од држави кои се килави да спроведат попис на живите, со РЕКОМ се настојува да се направи барем попис на мртвите. Колку и да е ова трагичен биланс, сепак пристапот е рационален, без наместен патос, срцепарателни наративи, имињата на луѓето кои веќе ги нема (околу 130 илјади) и околностите под кои биле убиени сами (ќе) им зборуваат на идните генерации која е човечката цена на секоја војна, што носи насилството. РЕКОМ ќе обезбеди соочување со вистината за минатото и траумите на учесниците, семејствата и средините кои страдале. За среќа, бројот на жртви од македонскиот конфликт е мал, но факт е дека тие не само што се заборавени, туку и нивните извршители се амнестирани и се на највисоки државни позиции. (Ај да не зборувам за Ахмети или Таљат, но државниот секретар во Министерството за правда на официјалниот интернет сајт напишал дека бил член на ГШ на УЧК, а има способности и вештини во лидерство и соработка.) РЕКОМ ќе се обиде да ја разголи сликата за лажното помирување помеѓу две етнички елити, кои би сториле сѐ за гола власт, моќ и привилегии (кршењето на владеењето на правото е само една од тие работи).

Која е врската на РЕКОМ со спорот со името? Врската е посилна од онаа што би очекувале. Доволно е да се деконструира „спорот“ и да се допрат неговите вистински корени за да се види дека отсуството на транзициска правда и запретувањето на вистината за македонско-грчките односи во последните 100 години е она што создаде рак-рана и нерешлив проблем. Македонскиот народ изложен на насилна асимилација, егзодус, дискриминација (која и денес трае во соседните држави во однос на македонското малцинство) никогаш немал можност да го отвори ова прашање на вистински начин, освен низ интелектуални дебати и литература. Остварувањето на правото на самоопределување со АСНОМ, за Македонците, меѓу другото, значеше и амнезија во контекст на српската политика, во име на „братството и единството“ кое стави печат на секој обид за соочување со злоделата и нивно „балансирање“ во кое сите народи имале и злосторници и партизани (а партизаните, нели, никогаш не правеле злодела – што не одговара на фактите). Бегалците од граѓанската војна во Грција се болна епизода, затворена со ѕидот на Студената војна. Тие (главно нејаки жени, деца и старци) се акомодираат во новата држава, стануваат нејзини граѓани, но се и предмет на ново сегрегирање (како „Егејци“, како луѓе на кои им е дадено многу, а кои не се сосема „наши“). И денес ќе чуете како газда со политички амбиции ќе каже дека „таму некакви си Егејци ми ги нарушуваат односите со моите соседи, Албанците“. Но, тоа е наш внатрешен проблем, запретан под прашината на историјата и предрасудите за кои сме самите одговорни. Болката и траумата и натаму пулсираат. Овие луѓе со децении не можеа да ги посетат гробовите на своите родители и разурнатите домови. За Грција не е проблем постоењето на државата, туку на Македонците, без оглед на тоа од која страна на границата живеат. Ако ги снема нив, ќе исчезне и вистината за злосторствата и дискриминаторската политика на државата, која тврди дека е етнички чиста и праведна (само затоа што моќта ја црпи од правото на вето). Во дискусија со македонска професорка која живее во Германија, се судривме околу тоа дали со интеграцијата во НАТО/ЕУ ќе се создадат услови за пласирање на вистината за Егејците на европски план. Според неа, треба да обезбедиме влез и по цена на одредени отстапки, за потоа да ги поставиме прашањето на геноцидот и егзодусот на рамноправна основа. Таа мисли дека „Европа не е земја на историска амнезија“. На сета мака, ми дојде да се насмеам. Како не е, кога токму европските нации свесно ги потиснаа/потиснуваат сеќавањата и фактите за злоделата извршени врз народите, чии колонијални господари беа, а и сега не ги третираат подобро? Како нема амнезија кога „заборавиле“ за својата улога во креирањето граници и нации на Балканот? Проблемот со Македонците е само мал дел од крвавиот мозаик на тотална ревизија на историјата. Европа е таа која има разбирање за Грција, бидејќи и самата има нечиста совест. Грција, како и други балкански земји, го копира методот на амнезија, ревидирајќи ја својата национална историја за да изгледа европски, цивилизирано и невино, не помислувајќи на гревот што и денес им го прави на своите малцинства и на северната соседна држава. Не знам дали РЕКОМ ќе заживее, но знам дека е тешко да очекуваш од балканските земји да се самопрогласат за носители милитантни политики од пред 25 години за да влезат во друштво на оние кои успешно ги заборавиле масовните злосторства од Индија, до Алжир, Руанда, Конго, итн. Попусто Тодорова пишуваше за Балканот како Другиот во европскиот наратив. Не ја разбирам потребата од амнестирање на европската, или американската империјална политика, со сите злодела и кршење на меѓународното хуманитарно право, а себе како Балканци да се портретираме САМО како назадни, милитантни и неспособни. Притисокот на НАТО, ЕУ и САД во однос на името е дел на таа иста милитантна политика (зачинета со русофобија), која на прво место ги става нивните интереси, како што тоа секогаш го правеле во минатото. Ако Македонија и стане дел на „европското семејство“ можете да се обложите дека никој нема да побрза да го отвори „егејското“/„македонското“ или друго прашање, на кои кумувале Големите сили. Ниту нашиве плашливци би го сториле тоа. Да сакаше Европа соочување со минатото, тоа одамна ќе го стореше во образовниот систем и јавниот дискурс (Германија е исклучок од правилото). Тие веќе ги заборавија и бомбардирањето на СР Југославија, Либија и Ирак, а не пак Македонците! Помирувањето на кое толку сака да асоцира ЕУ, нема никаква врска со жртвите на другите континенти или од периферијата; тие и денес се потрошни животи (disposable lives); за нив помирувањето лежи врз бизнис и корпоративни интереси, а не врз соочување со фактите за злоделата.

Напишано за Нова Македонија
Фото: israel palacio via Unsplash