Пушиме и гајле си немаме!

Ден по силеџиското „донесување“ на Законот за јазиците, пратениците побрзаа да изменат исклучително значаен закон со кој ги задоволија пушачите и угостителското лоби. Селото гори, ама пуши цела нација – со гаранција, пушиме и гајле си немаме! Главното прашање е турнато под чергиче, глумат нормалност: дали остана нешто што не е гнило во Македонија? „Утрото“ на оваа влада започна со насилно и нелегално конституирање на собранието, сега тоа само продолжува да дејствува на ист начин. Силеџиството стана норма. Затоа, сосема е небитно дали (кога и ако) Македонија ќе стане двојазична држава (јазична федерација) или не, бидејќи сега се соочуваме со уште посериозен проблем. „Мртвороденото“ законско чедо ја разголи ситуацијата до степен во кој е веќе тешко и да се говори за држава; бидејќи правото и државата се сијамски близнаци, едното без другото не може да постои. Иако правната држава не мора да е демократска, дури и недемократската држава почива на некакви правила кои ги спроведува (со употреба на сила или закана, ако е потребно). Во Македонија одумре државата, затоа што правила веќе нема. Уште попарадоксално, да си легалист (да зборуваш за устав, закон или деловник, за „правила на игра“, за процедура) значи дека ќе треба да се носиш со етикета на националист (македонски, се разбира) или дури и популист! Насилниците и етнократите се недопирливите. Парламентаризмот си добива по еден „црн ден“ во седмицата (понеделник, среда, четврток). Според изреката, првиот пат е можеби инцидент, вториот е коинциденција, ама третиот пат е веќе навика. Ако на овие црни денови се придодадат сите инциденти низ годините (тепачки, шлаканици за новинари, говор на омраза), јасно е дека црна се чума зададе там долу в Македонија. Иронијата е во тоа што како спасители се појавуваат токму оние кои ја создале и рашириле. Не може да очекувате спас од политичка елита, која институциите ги еродира однатре, која ги користи како параван за своите мали и големи бизниси, и која притоа се става во ројалистичка позиција да биде над законот, а да остане недопирлива за него и тогаш кога флагрантно го крши.

Премиерот кажа дека законот МОРА да се донесе, а изигруваше и професор по уставно право (додека професорите во неговата влада останаа неми). Нашето очајничко аргументирање по медиуми и социјални мрежи го нарече – деветмесечна дебата! Каква дрскост и понижување! За тие девет месеци, ниту ги слушна аргументите, ниту се потруди да научи некој јазик. Ѓекна почина; македонскиот парламент престана да постои, дури и како приврзок на владата. Погребана е и самата идеја за владеењето на правото, за конституционализмот, за политиката во границите на правото. Хроничната болест резултираше со неизбежен фатален исход. Нека не ве залажуваат храбрите фаци и гестови на глумците во драмолетката; тоа е само фарса на зомби-политичари, и ништо повеќе. Веќе не е ни важно за кој закон и за каква материја станува збор: ако еден „мртвороден“ законски предлог мина низ процедура во која како низ слалом успеа да ги прекрши сите правила на најдрзок начин, очекувајте во иднина буквално сѐ да може да се мине (со електронски систем, без него, со снимање на мобилни или други „креативни“ средства). Можат да прогласат и воена и вонредна состојба, можат тенкови на улица да извадат, и никому – ништо! Звучи претерано, но тоа е ликот на структуралното насилство вградено токму преку институциите, кои му даваат легитимитет, па и квазилегалитет. Материјалната страна на Законот за јазиците е во втор план, иако неговите одредби ги надминуваат уставните рамки и менуваат системски закони. Нашминканиот премиер во ТВ порака, сосема непристојно, во моментот кога умре темелната уставна вредност (владеењето на правото) зборува за цивилизациски и европски вредности, а всушност ја спасува својата позиција и коалицијата заснована на жртвување на правото. Да ни биде јасно: сите тие ќе жртвуваат не само устав, туку и родена мајка, за да останат на власт. Парламентарците, а особено првиот меѓу нив, се однесуваат како да се над уставот, давајќи небулозно (инфантилно) објаснување: ние не се разбираме во уставноста и законитоста, без оглед што даваме заклетва над уставот; не сме уставни судии – тие нека оценуваат отпосле каква збрка сме направиле и како(в) закон сме донеле. Ако законот има срцева мана, ќе му дадеме аспирин. Спинерите, во мигот на ничкосување на парламентаризмот, фокусот го ставија на чашата вода, која беше само чин со кој се замајува јавноста во стилот на она „Они се као отцепљују, ми им као не дамо“. Тоа што францускиот амбасадор направи touché со пораката дека токму поради начинот на кој го донесоа законот, Македонија нема да добие препорака за почеток на преговори, нема никого да потресе: ова е обично глуматарање (нив сите заедно уво ги заболе за препораката или за Копенхагенските критериуми, кои го вклучуваат и владеењето на правото). Битна им е власта и привилегиите. По секоја цена. ДПМНЕ доби можност да одигра „патриотска“ улога, иако одамна капитулирал, што беше потврдено „математички прецизно“ од Мицковски („остануваат конструктивни во врска со реформските закони“). За какви реформи смеат да зборуваат луѓе кои не ни знаат што е политика во границите на правото? Впрочем, парламентот никогаш и не бил местото за делиберација и креирање политики/закони: тие секогаш се носат на други места од племенските поглавици, а граѓаните никогаш не се консултирани, бидејќи ги сметаат за поданици и партиски војници. Нема парламентаризам без поделба на власта! Народните пратеници се дел на куклен театар, во кој конците ги движи некој друг. Да биде уште поиронично, сега се наводни „жртви“! Власт дојдена на крилјата на револуција отиде во доброволен домашен притвор, се скри од страв, за да „не ги иритираат граѓаните“ со појавување во јавност!? После сите екскурзии, одмори, скијање и сл., сега седат дома, додека полицијата ги чува од „лошиот народ“ (за тоа време амнестираните криминалци р’шум прават по нашите домови!). Извршната власт е посебен падеж: премиер праќа ТВ порака (во стил на „новогодишна честитка“) за да им каже колку се сега среќни што тој решил прашање кое не ни било дел на изборната и владината програма! Флагрантно го крши уставот поставувајќи се и над собранието и над уставниот суд, чија одлука ја прејудицира (ТОЈ гарантира дека законот е уставен. Иванов можете да не го сакате, ама сега е во право: ако другите флагрантно прекршија сѐ што може да се прекрши, тој само користи уставна празнина. Парадоксот е во тоа што мртвородениот закон може да оживее само со мртов претседател (да чукнам во дрво). Интересно, но суштински тој почна да се применува уште одамна, и без законска основа. Сега само ќе продолжи да живее – и да ја продлабочува сегрегацијата. Проблемот е, сепак, системски: рамковната демократија е неспоива со владеење на правото; таа не е демократија. Микс од масло и вода не е можен. Владее Rex, a не Lex. Ова е веќе отворена диктатура на малцинството. Без слободата на изразување и владеењето на правото, нема ни слободна земја. Овде владее цензура, јавен линч за секоја искажана критика и брутално газење на процедурите и уставот. Енде!

Напишано за Нова Македонија
Фото: Ali Yahya via Unsplash