Мирот е војна, војната е мир

Се разбира, насловот е ехо на Орвеловата „1984“, но многу посоодветна за мигот е мислата на Орвел дека војните не се водат за да се добијат, туку за да траат. Ако некој и помисли дека светот се најде на чекор од нова, Трета светска војна – се лаже! Таа е одамна започната, ако некогаш и воопшто запрела. Студената војна не беше студена за боиштата каде големите сили си играа преку посредници (war by proxy). По кусото интермецо на т.н. мировна дивиденда (заедно со „крајот на историјата“ и триумфот на либерализмот), настапи ера на реконфигурација на големата шаховска табла и на тестирање на новата воена технологија. Прашајте се колку отворени воени судири се случија оттогаш до денес, и колку држави се распаднаа, колку човечки животи беа/се уништени. Всушност, статистиката е педантна кога станува збор за загинати војници, особено на западните сојузници, но цивилните жртви се и натаму предмет на шпекулации заради политички цели, а не хуманитарни. За цивилните жртви владее тотална индиферентност! Сега кога очите на светот се свртени кон Сирија (небаре војната почнала сега, а не пред осум години!), сите ќе забораваат на злосторствата кои станале „нормални“ и „оправдани“ (Газа). Мисли ли некој на источна Украина? Либија? Ирак? Оттука, прашањето: кои се елементите на една светска војна? Што сѐ треба да се случи за да зборуваме за нова светска војна? Дали сме станале толку аклиматизирани на високото ниво на воена нестабилност и на потенцијалните судири чиј влог е повисок од оној за време на кубанската криза? Или можеби и обичните луѓе отрпнале на светот на организирана хипокризија, на внимателно поставените кореографии во која големите сили си ги мерат (капацитетите) на начин на кој нема да се судрат непосредно – сѐ ќе навестува Армагедон, но до него нема да дојде! Додека навистина не дојде… И така, од една драмолетка до друга, светот игра по работ на самоуништување – бидејќи, дури и да не пропадне поради сеопшта и/или нуклеарна војна, крајот му се ближи поради уништување на природните ресурси и животната средина. Но, додека да дојде до тоа, треба да се „живее“, а животот зависи од кондицијата на воено-индустрискиот комплекс (надополнет со политичкиот, академскиот, медиумскиот и културниот комплекс, кој е во функција на легитимација на војните против „лошите“ и „одметниците“). Токму тоа и се случи со нападот врз Сирија, кој според меѓународното право недвосмислено претставува акт на агресија. Три членки на Советот за безбедност на ОН (и членки на НАТО) отворено нападнаа суверена држава (откако претходно однатре ја разурнаа) за да ја пореметат супремацијата на четвртата членка на Советот за безбедност (Русија), но и да ја подотворат вратата за следната војна против Иран. Притоа, сите успеаја да ќарат со одвлекување на вниманието од домашните кризи. Пожелно е повремено да се гледа филмот „Претседателските лаги“ (Wag the Dog) за да се сочува здравиот разум… ООН се посрамија уште еднаш; на седницата на СБ некој изјави: „ова е темен ден од историјата на Организацијата“! Советот одби да признае дека се случил воен атак без негова авторизација, поради балансот на силите меѓу постојаните членки! Оние кои паметат знаат дека е тешко да се најдат светли денови, бидејќи сите нијанси на темно се веќе во игра, а ООН сѐ повеќе наликува на Лигата на народите.

Што се случи? Трите западни сојузници испалија 103 воздушни ракети, но дури 70% биле соборени од сириската противвоздушна одбрана. Беа уништени некакви празни згради без поголемо значење дури и за сириската влада, а не настрада ниту едно лице. Бодријард би рекол „Ова што го гледате не е напад.“ Се разбира, тоа беше симулакрум, чист театар на апсурд во кој слабите „лидери“ од Западот можеа да се размавнуваат со наводна одбрана на „морални вредности“ и осуда на употреба на хемиско оружје. По неколку часа извикнаа: Mission accomplished! Сиријците мора да се пресреќни што се спасени од хемиското оружје (иако бројките кажуваат дека од пола милион жртви, загинати од хемиско оружје биле едвај две илјади лица! Русија (претходно известена за деталите од Макрон) мудро се воздржа за да се прикаже себе си како рационален фактор кој придонел за избегнување судир од светски рамки, а всушност е кооперативен играч, кој ги штити своите интереси со нечинење (или заднинско чинење), исто како и Израел и Турција. Асад има поцврста позиција од кога било порано, но никој не може да го исклучи повампирувањето на ИСИС во ново руво. Мирот е војна, војната е мир.

Нашата Хилари повторно е социјалдемократски јастреб: ги поддржа нападите и ја осуди употребата на хемиско оружје! Токму оваа ситуација покажала колку е кревок мирот во светот и дека Македонија мора по секоја цена да влезе во НАТО и да придонесе за зачувување на мирот со членство во „колективните системи на безбедност“ (а што е ООН?). Со други зборови, оној кој ја создаде војната во Сирија (како и сите претходно), кој со вооружување внатрешна опозиција разурна цел куп држави, всушност, да ти бил миротворец, а ние со него. Подготвени сме да го плаќаме цехот во вид на нови бранови бегалци, но и со испраќање војници во Сирија! Буџетот за одбрана е веќе значително зголемен, со прелевање на средствата од образованието, екологијата, здравството… Македонија на браникот на одбрана на мирот во светот! Да не е тажно, би било навистина смешно. А за жал не ни е ни првпат… Од 1999 година, па до денес…

Тоа што станува збор за шарада, што западните влади за само неколку часа потрошија енормен износ на средства кои можеа да ги употребат за своите граѓани, не значи дека не треба да се разобличи хипокризијаta! Хемиското оружје е навистина големо зло, но кој е негов најголем изумител, производител, дистрибутер и корисник? Да не одиме назад во историјата, доволен е примерот на ирачко-иранската војна, во која Садам беше сојузникот на Западот, а иранските цивилни жртви не се згодни за спомнување и денес. Подоцна го употреби оружјето врз Курдите, но Западот го осуди набрзина за неважна епизода за да вистината не излезе на виделина. При „ослободувањето на Ирак“, САД масовно користеше хемиско оружје (бел фосфор), особено во Фалуџа (документарниот филм го гледав цели 10 минути пред да се скршам и отрчам да повраќам). Децата на Фалуџа и денес се раѓаат со деформитети. Осиромашениот ураниум има подолга историја, не не е згодно јажето да се спомнува во куќата на обесениот, нели? Сакате да зборуваме за воени злосторства? Ако не сакавте да ги видите на други места, ене ја Газа со сета селективност и соучество на Западот кој го брани Израел, како што Русија го брани Асад. Каде што стапнала војничка нога, цвеќе не никнува. Фактите зборуваат за хаос, крв и солзи… Зборуваат и бегалците, од кои „загрижените“ САД примиле „дури“ 11 Сиријци за една цела година, Британија се дави во ксенофобија, а Франција живее во вонредна состојба. Добредојдовте во „1984“, честит влез во НАТО, граѓани на Горна Македонија! Да живее военото профитерство! Тоа е иднината која ви ја ветуваат. Мировно движење нема, интелектуалците ги бутнале главите в песок и не гледаат зло, не слушаат зло и не говорат за злото.

Напишано за Нова Македонија
Фото: AP Photo/Hassan Ammar